Столчиња во ЕУ „ќе греат“ и затвореници, тиктокер кој го гушкаше Маск, националист кој славеше победа со песната „Странците надвор“

100

Во европарламентот влегоа Грк, кој е во затвор во Албанија и Италијанка која е во домашен притвор во Унгарија.  Новопечениот кипарски европратеник, 24 годишниот кипарски јутјубер Фидијас Панајоту се снимаше како се гушка со 100 познати личности, помина една недела во ковчег, но како што вели, за  политика и за ЕУ не знае ништо. Хрватската инфлуенсерка Нина Скочак за влакно не стана европратеничка, но со својот успех посрами многу видни хрватски политичари

 

Изборите за новиот Европски парламент, во кој ќе седнат 720 пратеници од 27 земји членки на Европската Унија, предизвикаа тектонски потрес во Европа. Меѓу новите европарламентарци, кои имаат мандат од пет години, ќе доминираат екстремните националисти.

Изборите завршија во неделата, а сега е на ред нотирањето на куриозитетите што доаѓаат по нив. Еден од новите европратеници од редовите на екстремната десница веднаш по победата низ песна си кажа каква политика има намера да води во парламентот. Шведскиот пратеник Давид Ланг победата ј прославил со расистичка песна. Во неделата вечерта тој е снимен како пее „Странците надвор“, а кога го забележал новинарот што го снимал, го опцул. Лидерот на  Шведски демократи, Линда Линдберг, рекла дека ќе му укаже дека во иднина од него се очекува повисоко ниво на однесување.

Освен луѓе кои зад себе имаат политичка кариера, столчињата во ЕП во наредните пет години „ќе ги греат“ и почетници, кои сепак, на дел од јавноста во своите земји ѝ се познати, но по нешто друго. Така, за најексцентричен европратеник се смета 24-годишниот кипарски јутјубер  Фидијас Панајоту, кој е независен пратеник. Тој  е син на грчки православен свештеник и има 2,6 милиони претплатници на Јутјуб, а стана познат по видеата од средбите со познати личности, меѓу кои и американскиот милијардер Илон Маск, за кого тврди дека е неговиот херој. Меѓу неговите подвизи се видеа како гушка 100 личности, поминува една недела во ковчег и тренира со кинеските мајстори на „Шаолин кунг фу“. Тој лани неколку месеци беше пред зградата на седиштето на компанијата Х на Илон Маск, обидувајќи се да го убеди го прегрне. Тој признал дека не знае ништо за политиката и за Европската унија.

Во ЕП ќе седат и затвореници, под услов за време на мандатот да ги пуштат од затвор. Еден од нив, со освоени над 200 илјади гласови е Гркот Фреди Белери, Кандидат на Нова демократија, кој се наоѓа во затвор во Албанија, каде одлежува двегодишна затворска казна поради корупција. Белери е припадник на грчкото малцинство во Албанија  каде што бил кандидат за градоначалник на Химара. Два дена пред изборите бил уапсен со обвинение за купување гласови, а на изборите победил со 19 гласови разлика. Но, албанските власти не му дозволиле да излезе од притвор за да даде заклетва. Белери  и претходно бил осомничен за кривични дела во Грција и Албанија.

И новоизбраната италијанска европратеничка, Иларија Салис, на која ѝ се суди во Унгарија е затвореничка. Поточно, откако помина една година во затвор, од минатиот  месец таа е во домашен притвор за наводен напад врз неонацисти. Салис се надева дека ќе добие имунитет како членка на партијата Зелена и левичарска алијанса (АВС).

За малку новото свикување на Европскиот парламент ќе имаше и славна тиктокерка. Победата за влакно и избега на независната кандидатка од Хрватска, 26 годишната Нина Скочак. Таа има 200.000 следбеници, а со освоени 4,06 проценти од гласовите не го премина изборниот праг од пет проценти. Таа беше на шестото место од 25 листи на евроизборите во Хрватска и на хрватските политичари им одржа добра лекција. Со тој успех таа посрами бројни етаблирани партии и познати европратеници. Својот успех таа го припишува на тоа што се фокусирала на оние на кои никој не се фокусирал – младите.