Добри вести доаѓаат од преубавиот манастир „Свети Ѓорѓи“ што се наоѓа во селото Паралово, во Општина Новаци. Огнот што се закануваше да го зафати овој храм, каде што почива славниот комита Ѓорѓи Сугаре, е локализиран. Во гаснењето учествуваа и доброволци од противпожарното друштво „Архангел“.

Пристигна помош од сите страни, покрај доброволци, беа потребни и багери и механизација. Игор Петковски ја објави убавата вест на својот фејсбук-профил и соопшти дека е спасен манастирот.

– Слава Му на Бога за ветрот, кој следуваше во вистински правец, по молитвата на Мајката Божја, свети Ѓорѓија и на сите што се молевте и бевте со нас во мислите – напиша Петковски.

Работници, противпожарно возило и механизација на РЕК „Битола“ учествуваа во гаснењето на пожарите што ја зафатија Пелагонија. Беа ангажирани десетина пожарникари од Службата за техничка сигурност на РЕК „Битола“, булдожери и грејдери во сопственост на комбинатот за гаснење на пожарите, за дотур на вода и за правење заштитни појаси, кои ќе спречат проширување на огнената стихија.

Во текот на викендот, се правеше заштитен појас околу селото Грумази, а се гаснеше во атарот на селата Скочивир, Брод, Балдовенци и Тепавци.