Советниците никако да дигнат два прста за набавка на 250 еколошки автобуси

348

Од Град Скопје ја префрлаат одговорноста за недостигот на автобуси во јавниот превоз единствено на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што велат, се власт и го имаат мнозинство во Советот на Град Скопје и од нив зависи дали ќе има нови екоавтобуси и подобар превоз. Велат дека оваа одлука веќе 20 пати се става како точка на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје, бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаат за набавка, иако го ветуваа тоа пред граѓаните, на локалните изборите во 2021 година

 

Градските власти никако да набават 250 екоавтобуси. Преку соопштение, ги повикаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за одлуката за набавка на екоавтобуси.

Освен тоа, реагираат дека иако, за наредната седница, е доставена пред советниците одлуката со која треба да се обезбедат еколошки автобуси за скопјани, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, спротивно на Деловникот и на Статутот, воопшто не ја ставил точката на дневен ред за гласање. Со тоа, според нив, се зголемува незадоволството на скопјани поради дотраените автобуси.

Притоа, од Град Скопје ја префрлаат одговорноста за недостигот на автобуси во јавниот превоз единствено на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што велат, се власт и го имаат мнозинство во Советот на Град Скопје и од нив зависи дали ќе има нови екоавтобуси и подобар превоз. Велат дека оваа одлука веќе 20 пати се става како точка на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје.

Притоа додаваат дека јавниот превоз е во незавидна состојба, дека целокупната јавност гледа и реагира дека се дотраени автобусите и дека треба да се заменат со нови и, како што нагласуваат, советниците на ВМРО- ДПМНЕ, кои ветуваа нови екоавтобуси пред скопјани, веќе две години не го исполнуваат ветеното.

– Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со цел советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат да гласаат за реализација на ветувањата што ги имаат дадено за нови еколошки автобуси, на секоја седница им предлага банката што ќе го финансира проектот, како и условите за набавка, да ги изберат самите советници во рамките на Советот, бидејќи единствено тие можат да ја донесат оваа одлука и да се помогне скопјани да не чекаат ни минута повеќе на автобуските станици – нагласуваат од Град Скопје.

Сметаат дека за унапредување на линискиот превоз на патници, но и за да се обезбеди ефикасен и еколошки превоз што нема да загадува, неопходно е редовно обновување на автобусите.

– Досега, според програмата, требаше секоја година да се набавуваат по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги, кои граѓаните ги заслужуваат, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две години не ја гласаат одлуката – наведуваат од Град Скопје, потенцирајќи дека со реформирање на автобускиот превоз и со сукцесивно обновување на возниот парк на ЈСП „Скопје“ со нови, еколошки автобуси, ќе се реши проблемот за кој граѓаните постојано се жалат. Но, нивните реакции нема кој да ги слушне, бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаат за набавка, иако го ветуваа тоа пред граѓаните, на локалните изборите во 2021 година – велат од Град Скопје.

Нагласуваат дека претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лично ветувал нови автобуси за скопјани. Како што велат, најавил дека преговара со компанија од која требало да се набават 100 електрични автобуси.

– Но, досега, повеќе од две и пол години не се реализира тоа ветување, како и неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, за која континуирано изјавува дека ја поддржува – заклучуваат од Град Скопје.

И додека да се реализира набавката на екоавтобусите, група советници поднесоа иницијатива потпишана од координаторот на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, за воспоставување 24-часовен мониторинг видеонадзор во автобусите на ЈСП, која е на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје, која ќе се одржи в среда.

Целта е да се обезбеди сигурност на граѓаните што ги користат услугите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, бидејќи, како што се наведува во иницијативата, сведоци сме на инциденти што се случуваат во автобусите, на нивно опожарување во движење, на напади врз вработените (контролорите и возачите) во ЈСП. Исто така, граѓаните сведочат и за непримерно однесување на контролорите и на возачите од ЈСП, а во автобусите се случуваат и физички пресметки меѓу физички лица или организирани групи, кражби и немили инциденти, кои ја намалуваат довербата на граѓаните во ЈСП.

Групата советници се надеваат дека иницијативата што ја поднесуваат ќе добие позитивно мислење од скопската градоначалничка, од членовите на Советот на Град Скопје и оти таа ќе биде преточена во облигаторна одлука, која ЈСП ќе биде правно обврзано да ја примени. Тоа, како што пишува во иницијативата, е со цел претпријатието во секој момент да го контролира вршењето на јавната дејност заради која е основано од Советот на Град Скопје, да види што се случува во автобусите и доколку дојде до инцидент, веднаш да се идентификува сторителот, односно сторителите.

(А.П.)