Селекторот на холандската фудбалска репрезентација, Роналд Куман, реши да го повика Џошуа Зиркзе во репрезентацијата за претстојното Европско првенство во Германија. Во соопштението се наведува дека Зиркзе во четвртокот ѝ се приклучил на холандската репрезентација на летот кон Волфсбург.

Зиркзе (23) е член на Болоња, а ги помина сите младински селекции на Холандија. Тој допрва треба да го направи своето деби за А-тимот на оваа селекција.

Во изминатата сезона за Болоња постигна 12 гола со седум асистенции на 37 натпревари.

Холандија има проблеми со повреди на играчите, откако Френки де Јонг и Теун Копмајнерс нема да играат на ЕП. Куман претходно го повика Јан Матсен во селекцијата на Холандија. Тој го повика и Зиркзе откако на тренинг се повреди и напаѓачот Брајан Бробеј.

Младиот фудбалер поканата ја добил буквално додека бил во посета на Дизниленд за време на неговиот одмор на Флорида. Инаку, тој е на средина на преговори околу потенцијален трансфер во Милан.