Собирачите на диви видови растенија, габи и други шумски плодови што живеат на територијата на Националниот парк „Шар Планина“, од летово ќе плаќаат годишен надоместок од 500 денари, додека за оние однадвор тој ќе изнесува 2.000 денари.

Ова е предвидено во тарифникот на ЈУНП „Шар Планина“ што го одобри Владата и, како што велат оттаму, е направено со цел „да се привлечат што повеќе посетители кои не ја загадуваат природата, наплатата ќе се однесува на загадувачите и на субјектите што ја користат природата за остварување приход“.

Од собирање костени може добро да се заработи, но проблем е што во Тетовско има голем број кражби на костен со кои граѓаните не може сами да се справат. Цената на костенот лани се зголеми, се откупуваше од 60 до 100 денари за килограм, а во малопродажбата достигна и до 200 денари.

Шара, меѓу другото, е позната и по костеновиот појас, кој најмногу се протега на висорамнините на Тетово, како и во Општина Теарце како што се селата Слатино, Непрештено, Лешок, Теарце, Одри и планинските села Варвара, Брезна, а од другата страна е и селото Новосело.

Во Националниот парк, од летово ќе се наплаќаат влегувањето и престојот. Дневниот билет за посетител над 7 години изнесува 100 денари, а неделниот – 400 денари. Дневниот билет за влез на мотор и автомобил е 150 денари, влезницата за комбе и минибус до 20 седишта е 250 денари, а за автобус над 20 седишта и тешки товарни возила – 450 денари.

Се наплаќа и паркирањето во НП „Шар Планина“ и дневната карта изнесува 150 денари за мотор и автомобил, за комбе и минибус до 20 седишта е 240 денари, додека за паркирање автобус над 20 седишта е 450 денари. Се наплаќа и билетот за посета на центарот, за посетителите над 7 години, и чини 100 денари, а посетата на посебни објекти и локалитети – 300 денари.

– Локалното население, кое е со место на живеење согласно со важечката лична карта или друг документ со кој се докажува местото на живеење, како и сите правни лица регистрирани на територијата на Националниот парк, се ослободени од надоместоците за влез и за посета на Националниот парк – велат од ЈУНП „Шар Планина“.

Повеќе нема да биде бесплатен престојот во Националниот парк. За поставување шатор, дневниот билет чини 300 денари, за поставување приколка – 400 денари, додека за поставување автокампер возило – 600 денари.

На најмалку шест локации на територијата на Националниот парк „Шар Планина“, оваа година ќе се уредуваат излетничките места. Ќе бидат поставени патокази, знаци, мостови, а ќе има и привремени објекти наменети за потребите на чуварската служба и привремено засолнување од лоши временски услови.

– Во рамките на планираните активности е предвидено да се постават и заштитни огради на местата на кои се депонира отпад, со цел да намали пристапот на дивите животни до населените места. Активностите од проектот „Инвестираме во Шара“ ќе се реализираат со средства добиени од Министерството за заштита на животната средина, а во координација со Секторот за заштита на природата. Ваквата зелена инфраструктура значително ќе ги подобри заштитата на биодиверзитетот, условите за туризам, но и добросостојбата на луѓето што живеат во Паркот – потенцираа од ЈУНП „Шар Планина“.

Инаку, претставници од ЈУНП „Шар Планина“ деновиве беа во студиска посета на Националниот парк „Тара“ и на Паркот на природата „Златибор“ во Република Србија.

– Колегите од управата на овие заштитени подрачја разменија драгоцени искуства за начинот на финансирање, развојот на туризмот, справувањето со нелегалните активности, Натура 2.000 мрежата, мониторингот на биодиверзитетот и управувањето со природните ресурси. Оваа соработка ќе продолжи во иднина, преку реализација заеднички проекти и размена на искуства за успешна заштита на природните и на културните богатства – велат од Паркот.

(С.Бл.)