Владата на Словенија планира од 2025 година и во наредните 10 години да издвојува по 100 милиони евра годишно за градба на државни станови, кои ќе ги издава под кирија. Ова е содржано во националниот план за станбена политика до 2030 година.

Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, изјави дека приоритет ќе имаат становите изградени од републичките и од општинските станбени фондови. Тие веќе имаат земјиште и проекти, но не и системски ресурси.

– Со донесувањето на овие појдовни точки, а потоа и на законските прописи, ќе преминеме од прва во трета или во четврта брзина, бидејќи ќе можеме да финансираме станбена изградба под истите услови за финансирање, секаде каде што има земјиште и проекти за таа намена – рече премиерот Голоб, кој очекува да биде подготвен законот во најкраток можен рок, а до крајот на годинава да се најде во Парламентот.

Симон Маљевац, министер за солидарна иднина задолжен за станбена политика, го нарече системскиот закон историска пресвртница во областа на политиката за јавно домување.

– Верувам дека тоа ќе донесе промени за луѓето и ќе ги постави темелите на новата станбена политика што сакаме да ја водиме во Словенија – рече Маљевац.

Според него, политиката за домување на тој начин јасно доаѓа до преден план во државните политики. И Голоб и Маљевац потсетија дека решавањето на станбеното прашање е вклучено во коалицискиот договор и дека се занимаваат со тоа од почетокот на својот мандат.