Скопје смрди на секој чекор, ѓубре насекаде, демне опасност од зарази!

2088

 -Имаме енормна појава на фрлање отпад околу контејнерите. Постојано се фрла и тоа кога тие ќе се испразнат. На пример во 8 часот сме ги испразниле контејнерите и сме расчистиле околу нив, во 10 часот повторно има ѓубре околу нив. Се сомневаме дека тоа се прави со тенденција – велат од ЈП Комунална хигиена. Најавуваат пријави до Министерството за внатрешни работи за да почнат постапки за истрага против непознати сторители. Според претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, постојат два начина да се реши ваквата состојба.

-Првиот начин е да се раздвои ЈП Комунална хигиена, односно да се подели по општини, и механизацијата и вработените, а вториот начин е општините дополнително да се ангажираат за одржување на хигиената – вели Ѓорѓиевски

 

Скопјани знаат и самите да си го загорчат животот, со некултурно и неодговорно однесување, а потоа вината да ја префрлаат на надлежните комунални претпријатија, општински или пак на градското ЈП Комунална хигиена.

Мини депонии од кои се шири неподнослива смрдеа, особено сега кога е жешко, се формираат околу контејнерите, иако овие садови се наменети токму за фрлање на отпадот. Ако се земе предвид дека се работи за комунален отпад, тој на овие високи температури е потенцијална „бомба” за ширење на заразни болести. Граѓаните негодуваат, иако некои од нив и самите се несовесни и го фрлаат сметот таму каде што не му е место. Не сакајќи да ги отворат контејнерите, полесно им е да остават ѓубрето покрај нив. На оваа појава деновиве предупредија од ЈП Комунална хигиена.

-Имаме енормна појава на фрлање на отпад околу контејнерите. Постојано  се фрла и тоа кога ќе се испразнат контејнерите. На пример во 8 часот сме ги испразниле и сме расчистиле околу нив, во 10 часот повторно има ѓубре околу нив. Се сомневаме дека тоа се прави со тенденција – велат од претпријатието.

Вакви случаи се регистрирани на булеварот „Крсте Мисирков“, во близина на ТЦ „Мавровка“, на улиците: „ Џон Кенеди“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“, во општината Чаир, „Народен фронт“, „Даме
Груев“, „Партизанска“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во општината Центар, како и на улиците: „1510“ и „Христо Татарчев“ во  општина Кисела Вода…

Од ЈП Комунална хигиена велат дека не можат да преземат ништо, бидејќи освен собирањето и транспортирањето на отпадот немаат други ингеренции.

-Нашата еко-патрола може само да ги едуцира и информира граѓаните на кој начин да го одлагаат отпадот – децидни се од ЈП Комунална хигиена.

Дел од граѓаните вината за мини депониите околу контејнерите ја префрлаат на Комунална хигиена.

-Цело Скопје периодов е претворено во депонија. Очигледно е дека не се чисти навремено и секојдневно. Контејнерите се полни со денови, а смет има и околу нив. Полни се исто така и малите канти. Ѓубре расфрлано насекаде. Срамно е главен град вака да изгледа – реагира Слаѓана Шавкулоска.

Марика Стоименова го повикува ЈП Комунална хигиена да дојде и да го собере ѓубрето.

-Жива зараза, смрди, не се дише, срамота – коментира таа.

Биле Ѓоргиева смета дека за тоа виновни се самите граѓани.

-Вие немате култура, како можете до контејнер да фрлате или има кој да ви го собира ѓубрето – додава таа.

И Дејан Станчевски е со истото мислење.

-Што ви е крива општината, што ви е крив градоначалникот или пак Град Скопје кога вие мештаните ја правите таа глетка која ви е пред очи секојдневно. Претпријатието не може да постигне од несовесноста на граѓаните. И 10 контејнери за кабаст отпад да има вие пак на земја ќе фрлате. Жал ми е за дечињата што ја дишат таа смрдеа, но реалноста е таа – потенцира Станчевски.

Вера Тушевска, пак, вели дека уште 10 пати да го собираат ѓубрето, за два дена ситуацијата би била иста.

-Јас би ја оставила ваквата ситуација еден месец па отпадот да им дојде во двор и на улица да не можат да поминат – наведува таа.

Според претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, постојат два начина да се реши ваквата состојба.

-Првиот начин е да се раздвои ЈП Комунална хигиена, односно да се подели по општини, и механизацијата и вработените, а вториот начин е општините дополнително да  се ангажираат за одржување на хигиената. Досега сите средства што ги плаќаат граѓаните за одржување на хигиената одат во ЈП Комунална хигиена, а доколку се раздвои претпријатието по општини и кај нив ќе одат приходи – наведе Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека сето ова што се случува како што вели, не само сега, туку и последниве две години е резултат на нефункционалноста на ова претпријатие и на Град Скопје.

Општина Центар, пак, работите ги презеде во свои раце, со оглед на тоа дека во рамките на ЈП ПОЦ постои посебен Сектор за одржување на хигиената.

Изминатите денови на неколку локации во оваа општина се чистеше просторот околу контејнерите. Се чистеше со цистерна на улица „9 Мај” и „Христо Смирненски” , а се наводнуваше кај Зелено пазарче и Сквер Јадран. Исчистени и освежени се и други локации во општината.

Од општината апелираа до граѓаните да бидат совесни и да го фрлаат ѓубрето во садовите за отпад, а не покрај нив.

-Ваквото однесување го загрозува јавното здравје и претставува опасност од ширење заразни болести – децидни се од Општина Центар.

И од ЈП Комунална хигиена апелираат да престане тенденциозното непрописно и несовесно исфрлање отпад на јавни површини. Уште еднаш потсетија дека секое одлагање отпад надвор од наменски поставените садови претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота, а сторителите подлежат на санкции.  Притоа, најавија дека ќе поднесуваат пријави до Министерството за внатрешни работи за да почнат постапки за истрага против непознати сторители.

(А.П.)