Град Скопје и јавната установа „Универзална сала“ го објавија јавниот повик за програмски активности за манифестацијата „Бела ноќ 2024“.
Станува збор за јубилејното 20. издание на „Бела ноќ“, како препознатливо обележје на Град Скопје за активностите од областа на културата на територијата на централното градско подрачје, каде што ќе се одбележат уметноста и креативниот потенцијал на Градот преку настани што ќе ја заинтригираат јавноста.
Годинашното издание на „Бела ноќ“ ќе се одржи на 5 октомври 2024, на повеќе централни локации низ Градот Скопје.
На конкурсот можат да се пријават уметници што сакаат да бидат дел од овој настан, а творат во областа на визуелните уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип), применетите уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб-дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музиката, филмот, театарот, јавната уметност, како и урбаните изведби и перформанси.
Селекцијата ќе биде направена од жири-комисија, врз основа на поднесените апликации, а водејќи се од критериумите: квалитет, иновација и оригиналност на идејата, презентирање и афирмирање на современото творештво, урбаната култура и јавната уметност во опсег на предложениот концепт.
За учество на „Бела ноќ“, потребно е да се пополни апликацијата за учество со следниве документи: пополнета апликација, биографија со личните податоци за уметникот/изведувачот или групата, фотографии/видеа/каталози или сл.
Документите во писмена форма може да се достават на адреса: булевар „Партизански одреди“ број 22 (зграда на библиотеката „Браќа Миладиновци“).
Документите во електронска форма може да се достават и на и-мејл: info@univerzalna.com.mk, со назнака апликација за „Бела ноќ 2024“. Крајниот рок за аплицирање е 19.8.2024.