Скапо на Јадранот: Во црногорско летувалиште шише вода 4,5 евра

1373

Летната сезона на црногорското приморје веќе започна, а високите температури и пријатната вода веќе привлекоа голем број гости, пред се од регионот.

Според пишувањето на регионалните медиуми во овој период сместување на пример во Чањ на црногорското приморје, може да се најде и за 50 евра дневно. Лежалките се околу 10 евра, во зависност од плажата, кафе или пиво на плажа е вообичаено две-три евра.

Ако тргнете малку подалеку кон Петровац, Будва и Бока Которска, цените на црногорското приморје растат. Невозможно е да се најде сместување за помалку од 70 евра дневно, а за еден пар лежалки ќе платите околу 20 евра. Во кафулињата ве очекуваат нешто „повисоки“ цени.

– Во бар на плажа во Пераст плативме осум евра за две капучина, додека негативно не изненади шише негазирана вода од 0,75 мл, кое го плативме за 4,5 евра. Да знаевме да купиме вода од продавница – вели туристка од Белград која летува во Бока Котороска.

Според последните податоци на Националната туристичка организација, во Црна Гора во моментов престојуваат 60.784 туристи, што е за 6,65 отсто повеќе во однос на претходната година и нешто повеќе во однос на 2019 година. Најголем пораст на бројот на гости е забележан во Будва и Херцег Нови.

Туристичките работници се задоволни од почетокот на оваа летна сезона. Како што наведуваат, многу оптимистички се и очекувањата за понатамошниот период, пишува Блиц.рс