Јаник Синер оствари историска победа на САД опен, обезбедувајќи го својот втор грен-слем трофеј во иста календарска година, надминувајќи ги Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роже Федерер.
Италијанскиот тенисер Јаник Синер влезе во аналите на светскиот тенис со победата на САД опен, со што стана првиот тенисер по речиси половина век што ги освоил првите два грен-слем турнира во иста година.
Во финалето, тој го декласираше Американецот Тејлор Фриц со убедливи 3:0 во сетови, обезбедувајќи си го вториот грен- слем трофеј по Австралија опен, на почетокот од годинава.
Овој подвиг не им успеа дури и на големите имиња како Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роже Федерер, што дополнително ја нагласува големината на успехот на Синерr.
Последниот тенисер што успеал да освои две грен-слем титули за една година е Гиљермо Вилас, во далечната 1977 година.
Ѓоковиќ ја освои својата прва грен-слем титула во 2008 година, во Мелбурн, но му требаа три години да ја освои втората.
Надал ги освои своите први титули во 2005 и во 2006 година, на Ролан Гарос, додека Федерер го освои својот прв трофеј на Вимблдон, во 2003 година, а вториот на Австралија опен, следната година.
Триумфот на Синер е уште позначаен, бидејќи доаѓа во време кога се соочува светскиот тенис со бројни контроверзи, меѓу кои и допинг-скандалот, кој дополнително го притисна младиот италијански тенисер пред почетокот на турнирот. И покрај сè, успеа да ја задржи концентрацијата и да игра на највисоко ниво.
Овој успех на Италијанецот дефинитивно ја менува динамиката на врвот од светскиот тенис, бидејќи Синер сега има место меѓу елитата. Неговата победа во Њујорк покажува дека може да се справи со притисокот на големите турнири.
Многумина експерти сметаат дека Синер би можел да биде клучниот играч во наредните години и веќе го гледаат како главен предизвикувач за тронот, кој со години го држеа Ѓоковиќ, Надал и Федерер.
Покрај тоа што демонстрираше неверојатна сила и прецизност, Синер во текот на целиот турнир покажа и зрелост во играта, иако има само 23 години. Неговата победа против Фриц беше некаква круна на импресивната сезона, која започна со освојувањето на Австралија опен.
Додека тенисерите од „големата тројка“ полека се во пад со кариерата, како нивни наследник се појавува Синер, тенисер што ќе доминира во годините што следуваат. Иако многумина се сомневаа во неговата способност да го издржи притисокот на големото финале, тој сега јасно стави до знаење дека е подготвен да ја преземе титулата најдобар во светот.
Неговиот пат до финалето не беше лесен, но ги надигра сите противници. Оваа победа на САД опен, особено по успехот на Австралија опен, потврдува дека е сериозен кандидат за освојување повеќе грен-слем титули.
Со оглед на младоста и на талентот што ги поседува, многумина се согласуваат дека долго ќе се памети овој подвиг, не само поради рекордот стар 47 години, кој го собори, туку и поради начинот на кој играше во текот на целиот турнир. Со ова достигнување, Синер ѝ стави крај на доминацијата на „големата тројка“ и отвори ново поглавје во светот на тенисот.