Штрајк во МАНУ, бараат зголемување на платите – велат имаат закани!

    БАРААТ ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ!  

    35

    Дел од вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) вчера повторно го активираа штрајкот од лани во февруари, а го ставија во мирување еден месец подоцна. Причината, како што информираше претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, е неисполнетото барање за покачување на платите на вработените, за што лани беше потпишана спогодба која требаше да се реализира до 31 декември истата година.

    „Бидејќи од потпишаната спогодба не е исполнето, штрајкот повторно се активира и ќе трае сè до исполнување на нашето барање, а тоа е зголемување на платите на вработените“, изјави Деаноски.

    Апелираше барањето на вработените кои штрајкуваат да го слушнат и другите надлежни институции и да помогнат во решавањето на проблемот, а особено Собранието, кое е основач на МАНУ.

    Претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече и дека откако било најавено активирањето на штрајкот дел од академиците веднаш почнале со закани кон вработените дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители на организациски единици во МАНУ почнале со пцости и навреди да им се обраќаат на штрајкувачите.

    „Да им порачам дека секој еден што ќе врши притисок и ќе се заканува, ќе биде објавен со име и со презиме, без разлика за кого станува збор и каква функција извршува во МАНУ. Да го потсетам раководството на МАНУ дека во спогодбата која се потпиша со синдикатот преземаа обврска дека до 31 декември 2023 година ќе биде потпишан колективен договор и ќе се направи измена и дополнување на законот за конечно да се реши проблемот со платите. Од 31.12.2023 година до денеска поминаа девет месеци, вработените не добија ништо освен закани, пцости и навреди. Наместо да се реши проблемот, се ангажираат адвокатски канцеларии кои за неполн час давање совети наплаќаат половина од средствата за плата на најголем дел од овие вработени. И наместо да се бараат средства за достоинствени плати, како другите високообразовни институции во државата, не се бараат овие средства, а се обезбедуваат средства во потребен износ за други исплати кон други вработени во МАНУ и за академиците“, рече Деаноски.

    Станува збор за 36 вработени кои ќе штрајкуваат во текот на целото работно време и нема да извршуваат никакви работни задачи, а ќе работи само архивата за прием на пошта.