Во 2016 година, после 43 години од пуштањето во употреба, за прв пат се изврши реновирање на депото за одржување на железнички возила, сопственост на „МЖ-Транспорт“. Ова беше проект на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со помош на Европска банка за обнова и развој, во вредност од околу 2 милиони евра.
– Се изгради целосно нова покривна конструкција, нова енергетско ефикасна фасада, замена на електрична инсталација со монтажа на штедливи лед светилки, комплетно нов под, промена на сите прозорци и врати, набавка на тест-опрема за одржување на железничките возила, реновирање на сите простории за вработените, тоалети и други помали зафати. Целта беше вработените конечно да добијат модерни услови за работа по сите европски стандарди – вели директорот на влеча и одржување на возните средства во „МЖ-Транспорт“, Игор Коруноски, кој се присетува на тој период кога исто така беше директор за влеча и одржување, одговорен за ова депо.
После само 7 години од реновирањето, Коруноски вели дека затекнал ситуација далеку полоша од онаа која што беше пред започнување на реновирањето.
– Замастени подови со нафта и моторни масла, расфрлани делови од локомотиви, расфрлан отпад од железо, ѓубришта, затнати одводни канали, расипани и искршени роло врати. Можеме да забележиме дека одговорните во изминативе 7 години имале целосно недомаќински однос кон државниот имот, со што дозволиле да се доведе во многу лоша состојба, која, за жал, тешко се враќа во првобитната ситуација – вели Коруноски.
Недомаќинскиот однос кон државниот имот се рефлектирал и кон возниот парк. За потсетување во 2017 година, „МЖ-Транспорт“ АД имаше 14 функционални дизел и електролокомотиви, денес по 7 години има само 3 функционални локомотиви.
– Покрај тоа што голем број на локомотиви се дефектни, истите се со комплетно исечени и украдени електроинсталации, украдени уреди и делови со што локомотивите се доведени во состојба на непоправливост. Штетата на локомотивите е голема, а исто така и финансиската штета која претпријатието ја трпи е голема, поради неможноста да го изврши договорениот транспорт. Секако, за оваа ситуација треба да има одговорност. Затоа што без одговорност за минатото нема напредок во иднината. Во моментов, целосно сме фокусирани најпрво за создавање на нормални услови за работа на вработените, со цел зголемување на бројот функционални локомотиви за нормализирање на железничкиот сообраќај – вели Коруноски.
(С.Бл.)