Само 4% од Црногорките имаат станови, за мир во семејството се откажуваат од наследство во корист на браќата

122

Според процена на Владата, жените во Црна Гора поседуваат само четири проценти од становите, осум проценти од земјиштето и 14 проценти од куќите за одмор. Од оние кои поседуваат недвижности, 36 отсто ги стекнале со наследство, бидејќи многу се откажуваат од својот дел, за да не дојде до раскол во семејството.

-Од жените во моето семејство се очекува да се откажат од наследството во корист на браќата. Ако не го направат тоа ќе бидат изопштени, вели една од 247-те жени кои одговориле на онлајн прашалникот на Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора (ЦИН-ЦГ) за рамноправноста во поглед на наследување имот.

Оваа испитаничка вели дека нејзиното семејство има прилично голем имот, но нејзе и на сестрата повеќе пати им рекле дека добиле многу и дека сè ќе им остават на синовите.

-Залудно законот вели едно – малку се жените кои ќе престанат да зборуваат со своите браќа поради имот. Нашите тетки, кои и самите се откажале од имот, наоѓаат за сходно често да ја отворат оваа тема, за да не ни падне на памет ни случајно да бараме дел, вели оваа испитаничка.

Нешто помалку од 30 отсто, или 67 од испитаничките кои го пополниле прашалникот на ЦИН-ЦГ, имаат слично искуство и сметаат дека жените во Црна Гора не се рамноправни во поглед на наследувањето на имот. Околу 35 отсто од нив се соочиле со дискриминација на полова основа при стекнување или наследување имот, а околу 15 проценти се бореле или и понатаму се борат на суд за право на наследство.

-По девет години, 80 рочишта и постапување на осуммина судии донесено е решение за физичка делба на имотот и тоа делумно. Противник беше мојот брат, кој смета дека треба да му припадне сè, вели една од анкетираните, пренесува Вијести.ме.

Нерамноправноста ја потврдува и едно друго истражување од 2019 година што го спровела НВО „Сигурна женска куќа“. Според тоа истражување дури 19 отсто од испитаниците и 14 отсто од испитаничките сметаат дека при наследувањето жените не треба да имаат еднакво право со мажите. Како причина се наведува традицијата, тврдењето дека мажот е глава на семејството, дека жените се мажат, дека се послаб пол, дека мажите се носители на презимето или лозата…

-Наследувањето на имот е едно од најголемите табуа во нашето патријархално општество. Кога оди во друг дом (ретко свој зашто му припаѓа на сопругот) жената од својата, татковата куќа, носи симболични подароци, но доволни да ја потсетат дека тоа е тоа. И дадовме диплома, ја исшколувавме, сега е свој човек – се фрази кои упатуваат на крај на нејзините побарувања од примарното семејство. Но, остануваат обврските – да биде грижлива ќерка, да им служи на родителите кога ќе остарат, но никако да добие имот, стан, вели за ЦНГ ЦГ, Ребека Чиловиќ, извршната директорка на невладина организација и додава дека при поделба на имот може да се слушне дека е малер да се одземе од брат или дека тоа е проклето исто како да е украдено.