Македонската шаховска репрезентација е побогата за уште едно врвно име откако се пофалија од Федерацијата дека го одобриле трансферот на шаховскиот велемајстор и врвен тренер, Евгени Романов.

Станува збор за истакнат шаховски велемајстор и тренер на голем број шаховски репрезентации, меѓу кои Норвешка, Грузија и Германија, како и на голем број млади, талентирани шаховски велемајстори, меѓу кои е и Ѕагиз Кан од Турција (13 години). Се очекува Светската шаховска организација (ФИДЕ) да ја потврди неговата титула шаховски велемајстор на наредниот совет на ФИДЕ.

  • Се надеваме дека Евгени ќе биде одлично засилување за македонскиот шах и дека со своите искуство и знаење ќе придонесе за подобар развој на нашите млади таленти – истакнаа од Македонската шаховска федерација.

Исто така, Шаховската федерација на Македонија ги повикува сите талентирани шахисти, почетници и големи ентузијасти да учествуваат на најголемиот шаховски спектакл во земјава. Имено, в сабота, 15 јуни, во Градскиот парк во Скопје, ќе се одбележи стогодишниот јубилеј од постоењето на Светската шаховска организација. Со симболично поставување 100 шаховски табли, и Македонија се приклучува во одбележувањето на овој вековен јубилеј. Секој посетител што ќе дојде во Градскиот парк на 15 јуни, ќе има можност да изигра партија шах и да биде дел од настанот што ветува одлични партии шах, многу музика, подароци и забава.

Дел од оваа шаховска сензација ќе бидат реномирани имиња од светот на шахот, со кои ќе може да се сретнат и децата и возрасните, на црно-белата табла.

Британскиот шаховски велемајстор и директор за развој на шахот на ФИДЕ, Најџел Шорт, ќе допатува во Македонија и заедно со велемајсторите Антоанета Стефанова и Петар Арнаудов ќе се дружи и ќе се запознае со нашите домашни шахисти и со љубителите на шахот.