Русија: Мора да разговараме со САД, глобалната безбедност е загрозена!

217
EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV

Русија гледа итна потреба од безбедносни разговори со Соединетите Американски Држави, но тие мора да бидат сеопфатни и да го вклучуваат прашањето за Украина, соопшти денеска Кремљ.

„Невозможно е да се отстранат некои поединечни делови од општиот комплекс на акумулирани проблеми и нема да го сториме тоа“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашањето дали Москва е подготвена да разговара со Вашингтон за нуклеарните ризици.

„Отворени сме за дијалог, но за широк, сеопфатен дијалог кој ги опфаќа сите димензии, вклучително и сегашната димензија поврзана со конфликтот околу Украина, поврзана со директното учество на САД во овој конфликт“, рече Песков за новинарите.

САД ги отфрлаат руските тврдења дека со вооружувањето на Украина станаа директен учесник во војната, чија цел е да и се нанесе „стратешки пораз“ на Москва. Вашингтон вели дека какви било преговори за војната се во јурисдикција на Украина.

Руската позиција, како што ја претстави Песков, не е ништо ново, потсетува Ројтерс. Сепак, тој им рече на новинарите дека списокот на теми за кои Русија и САД мора да разговараат се зголемува.

„Сè на сè, овој дијалог е многу неопходен. Неопходен е затоа што проблемите се натрупуваат, а има и многу тешкотии поврзани со глобалната безбедносна архитектура“, рече Песков.

Од перспектива на Вашингтон, рускиот претседател Владимир Путин, кој веќе трета година води војна во Украина, е одговорен за зголемувањето на безбедносните проблеми.