Градскиот мешан хор „Гортинија“, еден од најдобрите хорови во Македонија, кој е добитник на голем број награди во земјава и во странство, приредува слатко изненадување за гевгеличани, особено за оние што ја сакаат рок-музиката.

Имено, под раководство на диригентот и уметнички директор м-р Илија Атанасов и во соработка со своите соло-пејачи и инструменталисти, хорот ќе реализира концерт на рок-музика насловен „Rock ‘n’ choir“.

Концертот, кој е поддржан од Министерството за култура и од Општина Гевгелија, ќе се одржи в петок, на 25 ноември, во 19:30 часот, во Народниот театар во Гевгелија. Влезот за сите рокерски настроени гевгеличани е бесплатен.

На концертот ќе бидат изведени 10 познати рок- нумери на групите „Тото“, „Ганс енд роусес“, „АЦ/ДЦ“, „Дип парпл“, „Квин“, „Леб и сол“, „Конкорд“, и „Зијан“, како и на легендарниот Леонард Коен.

На хорот „Гортинија“, во изведбата на овие рок- класици, ќе му се придружат солистите: Цеца Демерџиева-Динева, Теодора Атанасова, Дорис Старчева-Јованова, Андон Михајлов, Теда – Теодора Гошева-Капсарова и Коце Динев, член на легендарната група „Зијан“.

За оваа пригода е формиран рок-бенд, кој го сочинуваат: Пенче Кралев на бас-гитара, Момчило Делев на тапани, Коста Елбасановски на клавијатури и Слободан Кржев и Антонио Какров на гитара.

Ќе биде интересно да се чуе како ќе се претстави хорот „Гортинија“, кој минатата година прослави 25 години од своето постоење и кој досега има изведувано само хорска и црковна музика, во едно поинакво, овој пат рокерско светло. Во моментов, членовите на хорот се млади ентузијасти, пејачи аматери со одлични интерпретации и со љубов кон хорската уметност. (Љ.А.)