РЕПОРТАЖА: Македонците во Грција на море, Грците во Гевгелија по заби, коцка и фризури!

291

Границата и политиката не претставуваат пречка за поврзување на жителите од Грција и од Македонија. Додека Македонците масовно заминуваат на грчките плажи во летниот период, Грците, во текот на целата година,  масовно ги „окупираат” Гевгелија и Дојран, гледаат да завршат работа и си одат. Купуваат храна, гардероба. Доаѓаат и за маникир, педикир, потстрижување во салоните, да ручаат во ресторантите, да си ги поправат забите, да си ја пробаат среќата во казината, а на одење да си ги наполнат резервоарите на автомобилите. На секој чекор во Гевгелија и во Дојран се профитира од нив, како што профитираат тие од нас во лето. A, во последниве десетина  години, за грчките пензионери од пограничните места станува актуелно и изнајмувањето станови во Гевгелија, во текот на целата година, за 100 до 150 евра, додека во Грција тоа е неколку пати поскапо

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Што е она што ги мами Грците секојдневно и сè помасовно да ги посетуваат Гевгелија и Дојран: шопингот, коцкарниците, евтините стоматолошки услуги, поевтината храна, бензинот, фризирањето… Ако треба веднаш да одговориме на ова прашање, одговорот е и едното, и другото, и третото, и да завршиме тука со овој текст. Но, не оди тоа толку едноставно. Затоа ќе одиме по ред, како што е вообичаено.
Минатата година, според податоците од Државниот завод за статистика, нашата земја ја посетиле 734.139 странски туристи и турските туристи, веќе традиционално, се најбројни во Македонија. Нивниот број бил 195.448, на второ место биле Србите со 71.012 туристи, а и Грците дошле во солиден број. Лани биле регистрирани вкупно 39.971 грчки турист.

Најголем дел од Грците се гости на пограничните градови Гевгелија, Дојран и Битола. Можеби, звучи малку нереално, но реалноста е таа и вели дека, по Охрид, Скопје и Струга, Гевгелија има најголем број туристички ноќевања. Минатата година Гевгелија имала над 50.000 ноќевања, а Битола, да речеме, имала речиси двојно помалку. Чести гости се Грците, но и Србите.

Иако е помало место од Гевегелија, и во Дојран може да се заработи многу од грчките посетители, едноставно поради фактот што Дојран е веднаш до границата со нашиот јужен сосед.

Поради местоположбата на Гевгелија и на Дојран, речиси сите помали бизниси, како и услужните дејности во овие два града, зависат претежно од посетата на Грците, но, без потценување, и од нашите граѓани.

Еден од главните мотиви за патување на Македонците во Грција, како што е познато, е туризмот, поточно уживањето на грчките плажи. Ние, Македонците, уживаме во морето, храната и во пијалаците, особено во нивните кафе и гиро.

Од друга страна, пак, еден од главните мотиви за патување на Грците во Македонија е трговијата. Особено јужниот македонски град, Гевгелија, е привлечен за Грците од пограничните населени места, но има и посетители од Солун. Грците доаѓаат тука најмногу во четврток, кога е пазарен ден или за викендите, поради пониските цени.
Македонија има пониски цени на производите и на услугите од Грција, што ги привлекува Грците да пазаруваат поевтино.

Значи, да резимираме, прекуграничниот туризам функционира беспрекорно, ние одиме во Грција на одмор и да се „пржиме“ на нејзините плажи, распослани на Халкидики и во реонот на Паралија, Олимпик Бич и Лептокарија, а тие доаѓаат кај нас за шопинг, поправка на забите и за да се „потат“ покрај коцкарските апарати во четирите големи казина во Гевгелија и во Дојран.

Во четвртоците и за викендите, во Гевгелија се зборува грчки

Се смета дека, за викендите и за празниците, дневно во Гевгелија доаѓаат и по неколку стотици Грци и нешто помалку во Дојран.

– Народот не се занимава со политички проблеми, народот си го гледа својот интерес. Ние наоѓаме интерес да одиме таму, тие наоѓаат интерес да доаѓаат овде. Има размена, отворени граници, движење, проток на луѓе и на стока – отворено и без никакви проблеми ниту за нас ниту за нив – ни велат нашите соговорници на ГП Богородица и на ГП Дојран.

Но, најпрво да почнеме со шопинг-туризмот и со услужните дејности.

И покрај со години затегнатите македонско-грчки односи и вечниот проблем со името, кога станува збор за добивањето поевтини услуги, сите проблеми како волшебно да исчезнуваат, така што веднаш наоѓаме заеднички јазик. Во изминативе неколку години, Грците масовно ја преминуваат границата во потрага по поевтини услуги од каков било вид.

Тие доаѓаат секојдневно во Гевгелија, но нивниот број драстично се зголемува во четвртоците, бидејќи тогаш е пазарен ден, како и во текот на викендите.

Доколку дојдете во Гевгелија во пазарен ден, четврток, или, пак, во текот на викендите и прошетате во раните претпладневни часови низ централното градско подрачје, во кафулињата, бурекчилниците и во единствената слаткарница „Шар Шланина“, ќе слушнете само грчки јазик. Тоа, грчките туристи појадуваат, пијат кафе и јадат слатки, собирајќи енергија за денот кој е пред нив и кој ќе го употребат да ги посетат градските маркети, бутиците, фризерско-козметичките салони, бензинските станици, пазарите, стоматолозите и на крајот, казината.

Кај нив, стандардот е поголем, платите и пензиите се повисоки и многу артикли и услужни дејности се поевтини кај нас отколку кај нив.

Во маркетите, како што ни кажаа дел од вработените, ги полнат корпите со разни прехранбени и хигиенски производи. Купуваат дури и леб, бидејќи кај нас цената на лебот е половина евро, додека кај нив изнесува евро и половина.

Грците си имаат точна дневна агенда. Прва дестинација им е гевгелискиот пазар. Таму може да си купат облека, овошје, зеленчук, мед. И не чудете се ако пазарџиите им ги нудат своите производи на грчки јазик.

Многу од Грците го посетуваат Градскиот пазар, купуваат речиси сè, од компири, марула и млад кромид до јужно овошје – банани, мандарини, портокали.
– Купуваат многу и вино и ракија, ама најмногу ракија – мастика, која е слична на нивното узо – вели една од продавачките на пазарот.

Во Гевгелија и во Дојран постојат голем број берберски и фризерски салони, а во нив, освен гевгеличани и дојранци, чести муштерии се и Грците од Кукуш, Јаница, Поликастро, Солун и од другите погранични места. Во Грција, фризерските услуги се двојно, па и тројно повисоки отколку кај нас. Тука потстрижување чини 5 евра, а кај нив од 10 до 15 евра. Дамите треба да одвојат од 4.500 до 12.000 денари за убава фризура во Грција, а кај нас таа услуга ги чини 1.200 денари, да не сметаме сè во евра, нели? – ни кажуваат во гевгелиските и во дојранските берберници и фризерски салони.

Стоматолошките услуги  и казино-туризмот пуштени на најјако

Во Гевгелија има над дваесет приватни забни ординации, додека тој број во Дојран е многу помал, но и едните и другите работат со полна пареа. Ако кај нас за 50 до 70 евра може да се добие нова забна коронка, која во Солун чини до 350 евра, тогаш очигледно е зошто е тоа така. Најчесто, пациентите од Грција доаѓаат за лекување на забите, за протези и за ортодонција. Се бараат и импланти. Во Грција, овие услуги се за три до четири пати поскапи. Инаку, нивното осигурување покрива многу малку во делот на стоматологијата, па така, тие и во Грција се оставени на приватните стоматолози, но услугите таму се многу поскапи. Но, во последно време, грчката Влада, со желба да ја намали оваа дискрепанција во цените на забните услуги, им дава повисоки субвенции на грчките стоматолози, сакајќи што помал број нејзини граѓани да одат во Гевгелија и во Дојран за вакви услуги.

 

– Сега имаат субвенции и помалку доаѓаат – велат стоматолозите од овие два града на југот од Македонија.

Пред корона-кризата, најмалку по 500 грчки државјани месечно ги посетуваа стоматолошките ординации во Гевгелија, каде што бараа услуги од општата и од специјалистичката стоматологија. Ковидот ги испразни овие ординации, но откако заврши, пациентите почнаа постепено да се враќаат и денес стоматолошките ординации месечно имаат и по стотина пациенти. Тоа се луѓе од Грција, кои веќе се редовни пациенти, како и оние што доаѓаат по препорака од свои блиски, кои веќе се лекувале во тие ординации. И овде нема чудење. Феноменот на стоматолошкиот туризам ги натера речиси сите гевгелиски стоматолози да научат да зборуваат грчки.

Од град на свилената буба, Гевгелија стана македонски Лас Вегас

И сега доаѓаме до туризмот, кој ѝ носи најмногу пари на државата, а тоа е казино-туризмот и прашањето како стана Гевгелија, од некогашен град на одгледување свилена буба, македонски Лас Вегас. Одгледувањето свилена буба во развојниот пат на Гевгелија во современа градска населба бил најпрофитабилниот бизнис од кој егзиситирало локалното население. Свиларницата во Гевгелија, изградена во 1938 година, имала најсовремени машини и инсталации за тоа време, набавени од Грција и од Италија. Во филатурата имало 60-мина работници, претежно жени, кои годишно преработувале околу 18.000 килограми најдобар свилен конец. Гевгелија и регионот се спомнуваат како најголем производител на свилена буба на Балканот, сè до почетокот на Балканските војни.

Подоцна, главна преокупација на населението од Гевгелија и од регионот му било земјоделството, односно одгледувањето раноградинарски култури и лозарството. Гевгелиско-валандовскиот Регион ја снабдувал речиси цела тогашна Југославија со раноградинарски култури. Покрај десетината фабрички погони, претежно од преработувачката конзервна индустрија, денеска Гевгелија добива и нов имиџ во растењето на казино-бизнисот.

Статистиката вели дека граѓаните потрошиле дури 800 милиони евра во коцкарниците и во обложувалниците лани. Чистата добивка на 58. регистрирани субјекти изнесува 70,4 милиони евра.

Една од најпрофитните е Државната лотарија, со добивка од 19,5 милиони евра. Зад неа се „Макотен“ со 5,7 милиони евра, „Сенатор Македонија“ со добивка од 2,2 милиона евра и казиното и хотел „Принцес“ со добивка од 2,0 милиони евра за 2023 година. Токму казината во сопственост на „Макотен“ и на „Принцес“ се наоѓаат веднаш до македонско-грчката граница.

Казината претставуваат посебен белег на Гевгелија во изминативе 30 години.
„Аlea iacta est“ (Коцката е фрлена), извикал Цезар многу одамна, преминувајќи ја реката Рубикон. Коцката одамна е фрлена и во Гевгелија, поточно уште во далечната 1987 година, кога беше отворено првото казино „Аполонија“ таму, во некогашниот хотел „Југо“. Оттогаш и голем број грчки граѓани ја изговараат оваа реченица, преминувајќи ги вратите не само на ова туку и на подоцна отворените две големи казина – „Фламинго“ и „Принцес“, и на она во Дојран, како и на десетината помали електронски казина, кои вработуваат околу 2.000 млади од овој регион.

Гевгелија е македонски Лас Вегас, колку и да звучи мегаломански и неспоредливо, но, за наши услови, овие казина и нивните угостителски и хотелски услуги, како и преработувачките капацитети и производството на пластични цевки и текстилната индустрија, ѝ го даваат најзначајниот импулс на гевгелиската економија.

Казината во Гевгелија, но и во Дојран, се преполни со гости, кои се љубители на коцкањето и на добрите храна и пијачка. Според некои проценки, во просек, секој Грк дава стотина евра за коцка, иако има и помалку и далеку повеќе во зависност од тоа колку е длабок џебот на коцкарот. Се чини дека глобалната економска криза си го прави своето, па сега имаме случаи, велат нашите соговорници, кога доаѓаат и помалку имотни Грци, кои за десетина евра можат и да се коцкаат или да јадат.

Во последниве десетина години, за грчките пензионери станува актуелно и изнајмување станови во Гевгелија, во текот на целата година, за 100 до 150 евра, додека во Грција тоа е неколку пати поскапо, така што со својата пензија ем заштедуваат на киријата ем добиваат поевтини прехранбени производи и живеат спокојно во Гевгелија и во Дојран. Се купуваат и куќи и станови, но, сепак, не во толку голем број.

Дека границата и политиката не претставуваат пречка за поврзување на жителите од едната и другата страна на границата, зборува и податокот што од осамостојувањето на Република Македонија, има склучено околу 100 мешани бракови на девојки и момчиња од Гевгелија со врсници во Грција и обратно.
И градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, се согласува дека грчките посетители се значаен дел од локалната економија. Вели дека тие се особено важни за трговците и за малите бизниси, со оглед дека таму секојдневно пазарат или користат најразлични услуги од локланите компании. Тие се секојдневно присутни во Гевгелија, и за празник, и за делник и во четвртоците, тие се, потенцира тој, крвототкот на гевгелиската економија. Секоја наша плус понуда значи нивно поголемо присуство, што му носи бенефит како на градот така и на Општината, заклучува Сарамандов.

Тој се надева дека новата стратегија за развој на туризмот, која се изработува за периодот 2024 – 2029 година, ќе го стави фокусот на руралниот туризам, на еко и на активниот туризам, на дигитализацијата во туризмот, на спа и на бањскиот туризам и на културниот туризам, каде што тој ја гледа шансата, покрај веќе развиениот шопинг, денталниот и казино-туризмот, да се понуди и нешто ново, кое го имаме во изобилство.