Работници во Ауди украле клучеви од автомобили: „Ниту едно возило нема да излезе од фабриката додека не добиеме одговори“

16107
EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Работниците во фабриката на Ауди во Брисел украле околу 200 клучеви од автомобили, барајќи од раководството објаснување за иднината на фабриката.

„Ниту едно возило нема да ја напушти фабриката додека не добиеме одговори“, рекол еден од работниците, цитиран од германската новинска агенција dpa. Во фабриката работат 3.000 луѓе.

Работниците ги украдоа клучевите во неделата, а управата на фабриката, како што напишаа, отфрла ваков вид на изнуда.

Доколку вработените не ги вратат клучевите ќе поднесат кривична пријава, а имаат намера со помош на надзорни камери да ги идентификуваат одговорните за кражбата, објави белгиската агенција Белга.

Ауди во јули објави дека поради слабата побарувачка за својот електричен модел Q8 e-tron, кој се произведува во белгиската фабрика, не може да го исклучи неговото затворање.

Стравувањата на околу 3.000 вработени беа засилени со пораката на матичната компанија на Audi, Volkswagen, дека во следните неколку години нема да се произведуваат други модели во фабриката во Брисел.

Вработените изминатите денови одговорија со неколку штрајкови, а најголемиот синдикат планира да штрајкува на 16 септември.