Проектот „Учиме да пливаме“ на Општина Аеродром ставен во мирување

90

Општина Аеродром го стави во мирување ова полугодие проектот „Учиме да пливаме“. Оваа одлука е донесена на последната седница на Советот на Општина Аеродром.

Од Општината појаснуваат дека причината за ваквата одлука е тоа што кон крајот на август и почетокот на септември, од Сојузот на училиштен спорт на Аеродром, кој е партнер во реализацијата на проектот, добиле информација дека базенот во кој се изведуваше проектот е во фаза на реновирање и дека не може да одговори на поставените услови.

– Принуден сме, ова полугодие, „Учиме да пливаме“ да биде ставен во мирување, но нагласуваме дека не е откажан – децидни се од локалната самоуправа.

Притоа, наведуваат дека во наредниот период ќе пристапат кон изнаоѓање услови за продолжување на овој проект.

Проектот „Учиме да пливаме” е проект кој предвидуваше олеснување на семејниот буџет на секое семејство на територија на општина Аеродром кои имаат дете во прво одделение или дете со попреченост. Тој почна да се реализира во септември 2022 година.

Децата добиваа: часови пливање, опрема за пливање (капа, очила), пешкир, сертифициран спортски едукатор како и превоз на учениците од училиште до базенот и назад.

Проектот беше изработен во соработка со Сојузот за училиштен спорт на Општина Аеродром и во реализација на „Скај велнес“.

(А.П.)