На главниот Ибарски мост во Косовска Митровица, припадниците на италијанскиот контингент на КФОР и денеска се присутни со две возила, додека припадниците на ЕУЛЕКС се уште патролираат околу мостот.
Ситуацијата е мирна и покрај претходните најави на властите во Приштина дека мостот на Ибар ќе биде пуштен за сообраќај, а работите на поправка на мостот продолжија и денеска, јавува дописникот на „Танјуг“.
Мисијата КФОР во повеќе наврати потенцираше дека е неопходно сите актери да се воздржат од еднострани декларации и дејствија кои можат да создадат тензии, што, како што истакнаа, е клучно за трајната безбедност на целата територија на Република Косово – за благосостојбата на сите луѓето и заедниците и за регионалната стабилност.
– Имаме видливо и флексибилно присуство низ Косово и командантот на КФОР има овластување да го приспособи по потреба и нема да се двоуми да реагира на каков било релевантен безбедносен развој и во согласност со нашиот мандат на ОН – наведе КФОР.
Мисијата додаде дека е цврсто посветена да придонесе за безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат на Косово во секое време и непристрасно, во рамките на нејзиниот долгогодишен мандат на ОН.
– КФОР има постојано присуство на главниот мост на реката Ибар во Митровица и врши редовни патроли во областа. Потврдуваме дека секоја одлука за мостот на реката Ибар мора да се донесе преку политички дијалог и на координиран начин. Во оваа смисла, продолжуваме целосно да го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со сите наши колеги, вклучувајќи ја косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), како прв и втор безбедносен одговор. КФОР има добри ресурси и е добро позициониран да ги преземе сите неопходни мерки за да продолжи да ја исполнува својата мисија на ОН – се наведува во соопштението.