Во организација на здружението ПП Џез фестивал викендов во Прилеп ќе се одржи осмото издание на Prilep Jazz Weekend, што е едно од најзначајните културни случувања во нашата земја.

Фестивалот ќе се одржи на 13, 14 и 15 септември во салата на Кино Мис Стон.

Инаку, целта на организаторите на оваа манифестација е да ја поддржат домашната џез продукција, да придонесат за негување на добриот музички вкус и создавање на нова џез публика, посебно меѓу младите луѓе.

Прилепскиот џез фестивал и овој пат нуди одлична програма, а публиката ќе има можност да ужива во настапот на врвни музичари од Македонската џез сцена.

Богатата програма со пет концерти и филмска проекција ветува ново искуство и незаборавно доживување за сите љубители на овој музички правец со најширок спектар на поджанрови кои го сочинуваат џезот денес.

Почетокот на фестивалот ќе го означи документарецот со џез содржина BLUE NOTE во режија на Јулијан Бенедикт и Андреас Морел, а концертот што следува е новиот проект на Доријан Јовановиќ.

Вториот ден на фестивалот обединува квалитетни изведувачи со големо искуство, кои своето музичко знаење го стекнале во земјава и странство. Тоа се Триото на Тони Китановски и џез ансамблот Кукурек, чии членови се едни од највлијателните македонски џез музичари од помладата генерација.

Финалната вечер е резервирана за квартетот на извонредниот гитарист Џоле Грујовски и Кабадајас, сега како трио, чиј жанр е мешавина од традиционалните ритмички изрази, со длабоко влегување во сферите на џез фузијата.

Почетокот на концертите е во 21.00 часот, а цената на влезниците е 400 денари, како пакет за трите дена, а со купените влезници следува подарок CD од дуплата компилација PRILEP JAZZ WEEKEND.

Целосната програма со повеќе детали може да се види на следниот линк:   www.prilepjazz.mk