Потврдени одлуките на ЕК: Гугл казнет, ​​а Епл мора да и врати на Ирска 13 милијарди евра

24
EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Судот на Европската унија денеска потврди две важни одлуки на Европската комисија – казна за Гугл од 2,4 милијарди евра и дека Епл добил нелегална поддршка во Ирска од 13 милијарди евра, кои мора да ги врати.

Судот на ЕУ ја потврди казната од 2,4 милијарди евра изречена на Гугл за злоупотреба на доминантната позиција со фаворизирање на сопствената услуга за споредба на производи.

Во 2017 година, Комисијата го казни Гугл со околу 2,4 милијарди евра за злоупотреба на неговата доминантна позиција на неколку национални пазари за пребарување на интернет со фаворизирање на сопствената услуга за споредба на производи во однос на истата услуга на нејзините конкуренти.

Бидејќи Општиот суд во суштина ја потврди таа одлука и ја потврди казната, Гугл и Алфабет поднесоа жалба до Судот, која сега е одбиена.

Судот на ЕУ, исто така, ја потврди одлуката на Европската комисија од 2016 година дека Ирска му одобрила незаконска помош на Епл, која компанијата мора да ја врати.

Во 2020 година, Општиот суд ја поништи одлуката на Комисијата, сметајќи дека таа не го докажува доволно постоењето на селективна предност во корист на тие компании. Откако Комисијата поднесе жалба, Судот сега ја укина пресудата на Општиот суд и конечно го реши спорот, потврдувајќи ја одлуката на Комисијата.

Судот потврди дека Епл незаконски имал корист од даночните олеснувања што претставуваат државна помош доделена од Ирска. Оваа поддршка се однесуваше на даночниот третман на добивката од активностите на Епл надвор од САД.