Полека се издига „Мала Америка“ во Кавадарци

4947

Напредува изградбата на повеќенаменскиот комплекс „Мала Америка“ во Кавадарци, во кој ќе има и трговски центар.

Изградбата започна во јуни минатата година, а трговскиот центар треба да биде пуштен во употреба во јули следната година. Во него, според најавите, ќе бидат застапени 75 македонски и странски брендови.

Инаку, станува збор за модерен повеќенаменски комплекс, кој се гради по највисоките светски стандарди и ќе биде единствен во регионот. Инвестицијата во овој проект „Мала Америка“, ќе биде вредна 30 милиони евра, а како што истакнаа градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, при неговата најава, инвеститор е  наш сограѓанин кој живее во САД. Тоа е Трајче Ристовски, кој е сопруг на познатата фолк-пејачка Јасмина Мукаетова, кој живее и работи во САД повеќе од 20 години. Има многу успешен бизнис, работи во областа на транспортот и неговата компанија поседува повеќе од 400 камиони. Исто така, работи и во областа на трговијата со недвижен имот.

Комплексот ќе содржи мол и три станбени згради во новиот центар на Кавадарци, на површина од 65.000 квадратни метри. Во целиот комплекс ќе биде вграден најсофистициран систем за греење и ладење, кој ќе придонесе за заштеда на електрична енергија до 70 проценти.

Молот и зградите ќе ги градат домашни градежни компании, а се очекува целиот комплекс да биде готов до крајот на 2026 година.