Почна доградбата на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин

1715

Покрај нови училници и кабинети, училиштето ќе добие и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и тоалет за лица со посебни потреби, како и други сервисни простории. Во ова училиште немало никаква инвестиција 70 години, уште од кога тоа е изградено во 1954 година

 

Почна доградбата на ООУ „Блаже Конески“, во населбата Мичурин, кое ќе се спроведува во две фази во наредните 18 месеци и со тоа училиштето ќе добие дополнителни 10 училници и 8 кабинети по предметна настава.

– Во Општина Аеродром означуваме почеток на уште еден проект којшто значи пред сè за жителите во Општина Аеродром. Со оваа огромна капитална инвестиција ќе се овозможи децата да се образуваат и да го стекнуваат своето знаење во услови коишто ќе бидат современи, би рекол европски – изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, го означија почетокот на градежните работи.

Мицкоски додаде дека доколку не се случила доградбата на училиштето постоела можност и од воведување на трета смена поради немање на капацитет да ги прими сите ученици.

Покрај нови училници и кабинети, училиштето ќе добие и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и тоалет за лица со посебни потреби, како и други сервисни простории.

– Во ова училиште немало никаква инвестиција 70 години, уште од кога тоа е изградено во 1954 година. Доградбата на училиштето е на барање на граѓаните, со цел создавање на подобри услови за учениците – рече Митески.

Проектот е во вредност од 200.000.000 денари од буџетот на Општина Аеродром со поддршка од Владата.

(А.П.)