Угандската маратонка Ребека Чептегеи (33) почина од изгореници откако ја запали нејзиниот партнер, објави претседателот на Олимпискиот комитет на Уганда.

  • Ја дознавме тажната вест за смртта на нашата олимписка атлетичарка Ребека Чептегеи по насилниот напад од нејзиното момче, нека нејзината душа почива во мир и најостро го осудуваме насилството врз жените, рече Доналд Рукаре во пораката на социјалната мрежа „X“.
  • Ова беше кукавички и бесмислен чин што доведе до загуба на голема спортистка. Нејзиното наследство ќе живее, додаде тој.

Чептегеи, која се натпреваруваше на маратонската трка на Олимписките игри во Париз, каде што заврши на 44. место, заврши во болницата во западниот кениски град Елдорет, откако претрпе „повеќе од 80 проценти“, изгореници на телото. Лекарите се обиделе да ја спасат, но безуспешно.

Еден член на болничкиот персонал изјави за агенцијата „Франс прес“ во средата дека нејзината состојба се влошила откако „развила бактериска сепса инфекција“.

Според полицискиот извештај, осомничениот идентификуван како Диксон Нџема Марангач влегол во имотот на Ребека Чептегеи додека таа била во црква со своите деца. Кога се вратиле од црквата ја полил со бензин и ја запалил пред очите на децата, две девојчиња на возраст од 9 и 11 години, пишува весникот „Стандард“.