Платежните картички најмногу ги користиме за вадење кеш на шалтер во банка

За разлика од кај нас, во старите земји членки на ЕУ, најголемиот дел од вредноста на трансакциите со платежни картички издадени во земјата е во трговијата (60,1%), а подигнувањето на готовината учествува со 39,9%. За плаќање во трговијата картичките најмногу, дури 86,5 проценти, ги користат во Шведска

663

Македонските граѓани и понатаму најмногу сакаат пари в рака, па платежните картички главно ги користат за да се снабдат со кеш. Најновата годишна информација на Народната банка за плаќањата во земјава во текот на минатата година открива дека во вкупната вредност на трансакциите со платежни картички вадењето готовина од нив учествува со 88 проценти. Притоа, 55 проценти од парите се извадени на шалтер во банка, а 33 од банкоматите. Со останатите 12 проценти од парите што лани легнале на платежните картички се плаќало во продавница.

Сепак, трендовите се позитивни, па во однос на 2017 година сумата извадена од картичките лани била помала, а повеќе пари се потрошиле во продавница. Народна банка посочува дека со картичка лани биле платени производи и услуги вредни вкупно 48,8 милиjaрди денари, што претставува годишен раст од 17 проценти.

-За разлика од Република Северна Македонија, каде што употребата на платежните картички главно е насочена кон повлекување готовина, во старите земји членки на ЕУ најголемиот дел од вредноста на трансакциите со платежни картички издадени во земјата е во трговијата (60,1%), а подигнувањето на готовината учествува со 39,9% во вкупната вредност (28,2% од банкомати и 11,7% од шалтери и ПОС-терминали), наведуваат авторите на информацијата.

За плаќање во трговијата картичките најмногу, дури 86,5 проценти, ги користат во Шведска.

Според објавената Годишна информација лани во трговијата се направени 64 проценти од вкупниот број трансакции со платежни картички. Сè уште високи 33 проценти од трансакциите се за вадење кеш, иако тоа во однос на 2017 година е за три процентни поени помалку.

Користењето на платежните картички за плаќања преку интернет во нашата држава е во постојан пораст, но и понатаму останува на ниско ниво. Во вкупните трансакции овие плаќања учествуваат со само три проценти.

-Сепак, купувањето преку интернет станува сè позастапено, при што процентот на население во земјава кое купува преку интернет се зголемува од 5 проценти во 2012 година на 25 проценти во 2018 година, но и со тоа е речиси два и пол пати под просекот на ЕУ, иако 81 проценти  од населението користело интернет, што е релативно близу до просекот на ЕУ, каде интернет користи 87 проценти од населението, констатираат изготвувачите на оваа информација на Народна банка.

Лани вкупната вредност на плаќањата извршени од физички и од правни лица, со исклучок на платежните трансакции помеѓу Народната банка, банките и штедилниците, има годишен раст од 10,2 проценти и изнесува 3.813 милијарди денари. Најголемиот дел, или 99 отсто, се остварени со кредитните трансфери, а остатокот од 1 процент со платежните картички.

Вкупниот број остварени трансакции за плаќања минатата година изнесува 114 милиони, што е за 11 проценти повеќе во однос на 2017 година. Најголемиот број од нив се со платежни картички (47%), додека, пак, остатокот се со употреба на кредитни трансфери иницирани на хартија, или електронски.

(С.В.)