Собранието со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024, со коишто се обезбедени средства за пензии, плати, за доспеани обврски, за студентите, земјоделците и бизнисот. Економскиот раст е ревидиран на 2,1% од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5%.
Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година го одобри и македонското собрание. Пратениците со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, го усвоија ребалансот на Буџетот во понеделникот доцна попладне. За дополнителниот ребаланс не гласаа од Европскиот фронт кои претходно ја напушти седницата, бидејќи беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
Ребалансот е така проектиран што вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.
Дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП. Со Ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 % од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5%.
Како што досега во неколку наврати кажа премиерот, Ребалансот на буџетот претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината, со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите коишто имаат соодветна динамика.
-Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права кои се законски предвидени, средства за сервисирање доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно со закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината, кажа во своето експозе министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека ребалансот во целиот не ги отсликува политиките на новата Влада, туку претставува најоптималниот начин да се надоместат пропустите и на некој начин најавува по која линија ќе се води фискалната политика во наредниот период.
-Ребалансот обезбедува дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милиони денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата – објасни министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.
Што се однесува за пензиите министерката потсети дека линеарно зголемување ќе има во септември и март, а потоа ќе се применува старата методологија.
– Ако лично мене ме прашувате, јас сум за линеарен раст на пензиите, вели Димитриеска-Кочоска.
Ребалансот исто така обезбедува околу 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.
(В.Ма.)