Педесетина училишта во државава ќе ја подобрат енергетската ефикасност преку инсталирање соларни фотоволтаични системи, за што, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бошек, потпишаа договор за неповратен грант вреден 1,1 милион евра.
– Училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија. На овој начин, тие ќе дадат дополнителен придонес кон заштитата на животната средина, а ќе заштедат и средства кои ќе можат да се реалоцираат во унапредувањето на условите за настава – соопштија од МОН.
На потпишувањето на договорот за овој проект одобрен преку Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, Јаневска изразила благодарност до Банката за развој при Советот на Европа за континуираната поддршка на државата во унапредувањето на инфраструктурните услови во областа на образованието.
Министерката Јаневска изразила и очекувања дека соработката во насока на достигнување на европските стандарди за квалитет, ќе продолжи и во иднина.