Според калкулациите на Националната земјоделска мрежа, за да се произведе килограм пченица, потребни се 19 денари. Сепак, како што велат оттаму,  за да биде потврдено од релевантна институција, ќе побараат истото да го стори и Земјоделскиот институт при УКИМ.

– За да можеме да се повикаме на релевантен документ и за да потврдиме дека е реална таа производна цена што ја констатираме – вели Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.

Жетвата е започната, но, според Каракашев, приносите се намалени и се движат помеѓу 1.500 до 3.000 килограми од хектар.

– Откупувачите нудат многу мизерни цени од 8 денари, што е многу далеку од производната цена, а не да оствариме економска добивка. Економски оправдана цена, за нас, оваа година е 30 денари. Сè што е под 30 денари, нè води во загуба – вели Каракашев.

Формирано е работно тело, кое ќе ги претставува пред институциите на системот, за да се бара решение за годинашната реколта.

– Очекуваме да се вклучат активно Владата и институциите, како медијатори, да нè седнат да разговараме со откупувачите и со пекарската индустрија, да може да се најдеме некаде на средина, бидејќи ако се продолжи вака, ние дефинитивно ќе се откажеме од производство на житарки – очекува тој.

Инаку, годишното производство на пченица изнесува околу 250 илјади тони, а потребите на населението се над 370 илјади тони.

– Не можеме ниту во најдобрите години да ги задоволиме потребите на населението, што не значи дека треба да увезуваме по дампинг цени и да ги рушиме цените на нашите производители – додаде Каракашев.

Доколку не се изнајде заедничко прифатливо решение, Каракашев најави масовни протести на земјоделците.