Oбјавен првиот годинашен број на списанието „Стремеж“

51

Со нови содржини во Прилеп од печат излезе првиот број за годинава на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Во рубриката „Проза“ читателите може да ги прочитаат расказите од Митко Маџунков, Иво Митев, Катерина Данаилова, Билјана Ѓонеска, Ивана Трајаноска и Драгана Евтимова., а во рубриката „Поезија„ се објавени нови песни од Зоран Анчевски, Светлана Босилкова Далевска, Сузана Ѓорѓиевска, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Цеца Видова-Трајческа и Тања Кузманоска.

Списанието „Стремеж“ во овој прв годинашен број ја промовира поезијата на младата македонска авторка Марија Саревска, а во делот за препеви и преводи се објавени песни од кинескиот поет Ван Јин, препеани од англиски јазик од Македонка Божиновска, потоа поезијата од данскиот поет Клаус Анкерсен, според препевот на Звонко Танески, како и песни од поетот Петар Матовиќ препеани на македонски од Никола Маџиров.

Списанието објавува и критики, есеи и студии. Васил Тоциновски пишува за романот „Сивиот плоштад“ на Сашо Огненовски, објавена е промотивната реч на Катица Ќулавкова по повод збирката раскази „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа на Габриела Стојаноска-Станоеска, потоа беседата за Рацин „Слово и глина“ на Венко Андоновски и есејот на Габриела Стојаноска-Станоеска за новата збирка поезија „Уплавната вода, тагата“ на Сузана Ѓорѓиевска.

Во рубриката „In memoriam“ е објавена био-библиографијата на еминентната авторка и преведувачка од руски јазик – Тања Урошевиќ (1936-2020), извадокот „Мирисаа багремите, цветаа тополите“ од нејзиниот необјавен роман „Еден сив мартовски ден“,  како и освртот на Кица Колбе „Крајот на сезоната – последната новела на Тања Урошевиќ“. Во рубриката „Театар“ е објавен текстот на Каролина Мицевска „Промотор на домашното драмско творештво“ по повод 70 години Театар „Војдан Чернодрински“.

Списанието „Стремеж“ го издава приелпскиот центар за култура „Марко Цепенков“ со поддршка на Министерството за култура.