Општина Кисела Вода секогаш ќе биде пријател на младите

    17

    Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по повод Меѓународниот ден на младите – 12 Август зеде учество на конференцијата „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“, финансирана од Европската Унија, а имплементирана од Националниот младински совет на Македонија заедно со партнерите.

    Од Општината информираат дека на панел дискусијата тој говорел за процесот на исполнување на обврските на општина Кисела Вода во поглед на интегрирање на младите во локалната заедница, предизвиците со кои се соочува, како и за стратегиите кои се применуваат за ефективна интеграција на младите во локалните демократски процеси.

    -Општина Кисела Вода е силно насочена кон интеграција на младите во локалната заедница, што се рефлектира преку бројни проекти од кои најголем бенефит имаат младите. Како дел од проектот „Јас и мојата Кисела Вода” спроведуван од Центарот за младински активизам „Крик“, а финансиран од Националниот младински совет на Македонија и Европската комисија, во изминатиот период беа одржани серија од консултативни средби со млади општината, од средните училишта на територија на Кисела Вода како и со претставничките тела на младите – Локалниот младински совет и Локалното собрание на млади.  Учесниците имаа можност да се едуцираат и да бидат дел од креирањето и спроведувањето на локалната стратегија за млади од општина Кисела Вода – истакна Ѓорѓиевски.

    Говорејќи за донесената локалната младинска стратегија на општина Кисела Вода и Акцискиот план, градоначалникот назначи дека тие се работени заедно со Коалицијата од младински организации „Сега”.

    -Исто така, Општина Кисела Вода влезе и во Еразмус програмата која ќе трае до 2025 и преку која наши вработени имаа студиска посета во Лисабон на тема Млади и младински политики во локалната самоуправа – нагласи Ѓорѓиевски.

    Тој кажа дека голем дел од проектите што се спроведуваат во овие три години се произлезени од идеите на младите, бидејќи соработката на општината со нив е континуирана.

    -Тука говорам за отворање на преку 20 спортско рекреативни центри, унапредување на условите во образованието, отворање на кино, на библиотека – нешта што ги немаа 30 години, зборувам за одлични музички концерти на кои реално, најбројна публика се младите, зборувам за изложби, за збогатување  на културната понуда со бројни содржини – вели Ѓорѓиевски.

    Според него, начинот на водење на општината-транспарентно, чесно и според закон создава плодно тло за инвеститорите, што значи отворање на нови работни места и спречување на иселувањето на младите.

    Тој го честита Меѓународниот ден на младите и порача дека Општина Кисела Вода секогаш ќе биде пријател на младите.