Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера, во вилата „Билјана“ во Охрид, ги прими средношколците олимпијци што ја претставија Македонија на 56. Меѓународна олимпијада по хемија, на која освоија златен и сребрен медал. Таа им честита за постигнувањата и им посака да бидат поттик и инспирација за сите млади луѓе што се занимаваат со научноистражувачка работа.
– Ја истакнав својата заложба за изнаоѓање одржливо системско решение за логистичка и финансиска поддршка на идното учество на македонските претставници на слични натпреварувања – вели претседателката Сиљановска-Давкова.
На 56. Меѓународна олимпијада по хемија, од 21 до 30 јули, која се одржа во Ријад, Саудиска Арабија, Македонија ја претставија: Петар Мирчевски, трета година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, кој освои сребрен медал; Марио Ванчоски (кој освои бронза) и Иван Костевски трета, двајцата трета година во „Славчо Стојменски“ во Штип, и Елена Живаљевиќ, трета година во „Јахја Кемал“ во Скопје. Средношколците беа придружувани од универзитетските професори д-р Миха Буклески и д-р Марина Стефова од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и од членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, научно здружение што ги организира натпреварите на македонската репрезентација.
На прашањата што би им ги олеснило развојот и напредокот во хемијата како наука, средношколците што учат во државните училишта, меѓу другото, одговорија:
– Повеќе разбирање од наставниците по другите предмети, кои бараат врвни резултати од нас, иако ние, неколку месеци, го вложуваме сиот капацитет во подготовките за натпреварите и за олимпијадите. Учениците во приватните училишта немаат таков притисок – велат тие.