OJO: Во тек е финансиска истрага и вештачења за „Рекет“

31

Во тек е финансиска истрага во повеќе насоки и прибирање на доказен материјал што ќе помогне во утврдувањето на фактичката состојба. Воедно, дел од одземените електронски уреди се вештачат, а за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини, велат од Основното јавно обвинителство. Оттаму велат дека согласно утврдениот план се преземаат истражни дејствија во насока на обезбедување на доказите и целосно расветлување на случајот „Рекет“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во интерес на постапката нема однапред да споделува информации за дејствијата што ги презема во предметот, па така и за лицата што ги повикало или има во план да ги повика да дадат исказ.

Со оглед на тоа дека се работи за предмет што предизвика голем интерес во јавноста, обвинителството во рамките на можностите ќе продолжи и понатаму да ги споделува сите информации што нема да наштетат на понатамошната постапка.

Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството уште еднаш укажува дека само официјално добиените информации во врска со овој предмет се веродостоен извор.

Во исто време, и шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која ја води истрагата за „Рекет“, од вчера повторно е на работа откако, како што велат од обвинителството, го искористила законски предвидениот минимум за годишен одмор.

Иако државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, неколкупати најавуваше дека неделава во обвинителството ќе биде повикана и шефицата на СЈО во оставка, Катица Јанева, вчера до затворањето на весникот немаше информација кога Јанева ќе сведочи за “Рекет“ .

Премиерот Зоран Заев вели очекува темелна, многу прецизна, брза и независна истрага.

„Потсетувам дека прв го пријавив случајот, и во тоа својство, и како граѓанин и како премиер имам целосно право да барам сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сè да се спасат и притоа се претставуваат како жртви“, изјави Заев за МИА.

Осомничени во случајот „Рекет“ се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, на кои Основниот кривичен суд пред два дена им го продолжи притворот за нови 30 дена, откако беа уапсени на 15 јули. Двајцата се осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра, а Боки 13 и за перење пари. Италијанскиот весник „Ла Верита“ минатата недела објави серија разговори меѓу Боки 13 и Камчев и во дел од разговорите Боки 13 ја истакнува својата блискост со премиерот Заев и му ја гарантира на Камчев неговата поддршка. Во една од снимките од објавените разговори, се слуша и гласот на специјалната обвинителка Катица Јанева.