Одбележан 20 Септември- Денот на Општина Ѓорче Петров

44

Со положување свежо цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, општината го одбележа празникот на општината – 20 септември.

На свечената седница на Советот на Општина Ѓорче Петров беа доделени годишната награда, признанија и благодарници за особен придонес. Добитник на годишната награда на Општината е фудбалската репрезентативка, Афродита Салихи.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во своето обраќање истакна дека останува доследен на заложбата Ѓорче Петров да стане модерно и урбано јадро за живеење.

-Во периодот зад нас, успеавме да сработиме проекти со кои затворивме горливи проблеми. Како градоначалник на општината Ѓорче Петров не можам да го сокријам своето задоволство од постигнатото: работиме на нова детска градинка во Стопански Двор, која се очекува да биде завршена во следните две години, и на уште една локација, односно во Дексион. Завршена е доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ во Хром со нови училници, а централното училиште речиси целосно го реконструиравме. ООУ „Тихомир Милошевски“ доби шест нови училници и тоалети. Интервениравме во сите училишта, како и во училишните спортски сали, а следуваат уште инфраструктурни проекти кои значително ќе ги подобрат условите за настава – потенцираше Стојкоски.

Тој  потсети и на проектот „Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот“, кој се реализира во Кучково, а како една од најзначајните инвестиции ја издвои изградбата на станицата за третман на отпадни води и фекален колектор во село Орман.

-Реконструиравме над стотина улици, поставивме нова фекална и атмосферска мрежа, ја отворивме новата општинска зграда, ја доградивме градинката „Детелинка“, Кучково доби нов систем за водоснабдување, а на ова место целосно партерно го уредивме и локалитетот „Крст“. Депонијата во Ново Село сега е мега-парк „Даме Груев“,  со површина од 31.000 квадратни метри – наведе Стојкоски .

Тој најави и изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралните области, фекална канализација, нова пречистителна станица преку планот за развојни програми за 2024 -2026 година, со вкупен буџет од 90 милиони денари, како и почетокот на изградбата на училишната спортска сала во ООУ „Димитар Беровски“, кој е долгогодишен проблем за реализирање на физичкото образование.

Претседателката Ленче Нелоска, која ја отвори свечената седница на Советот на Општината Ѓорче Петров, се осврна на големиот број капитални проекти кои значајно ја подобрија инфраструктурата.

В недела е затворањето на „Деновите на Општината Ѓорче Петров“ со голем семеен концерт под мотото „Музика и забава за сите“, пред платото кај Корзото со почеток од 11 часот, а ќе трае се до доцните вечерни часови.