Битолската термоцентрала (РЕК „Битола“) останува еден од најголемите загадувачи во Европа со сулфур диоксид. Оџакот на блоковите 1 и 2 е еден од четирите што ги надминаа своите дозволени годишни граници за емисии на SО2 за повеќе од 10 пати, каде што уште влегуваат и „Угљевиќ“ и „Какањ 7“ во Босна и Херцеговина и „Костолац А2“ во Србија. Ова е нотирано во шестата едиција на извештајот „Усогласи или затвори“ од „Банквоч“, објавена вчера и се однесува за изминатата година.
Во 2023 година, по шест години откако влегоа во сила правилата за контрола на загадувањето, преку спогодбата за Енергетската заедница, загадувањето со сулфур диоксид од термоелектричните централи што користат јаглен, а што се вклучени во националните планови за намалување на емисиите (NPNE) на Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и на Србија, сè уште се заеднички, беше поголемо за 5,7 пати од дозволеното. Ова е чекор назад споредено со 2022 година, кога беа 5,6 пати над дозволеното.
– Загадувањето со прашина беше 1,75 пати над дозволеното, само минимално намалување од 2022 година, кога беше 1,8 пати над дозволеното. Емисиите на азотни оксиди, исто така, беа 1,3 пати над дозволеното. Србија за прв пат им се приклучи на Косово и на Босна и Херцеговина во надминувањето на националниот лимит за NOx-емисии, а Македонија остана единствена што сè уште не го надминува овој лимит, кој се намалува секоја година – се наведува во извештајот.
Секретаријатот на Енергетската заедница отвори неколку случаи за прекршувањата на обврските од спогодбата за сите држави што имаат NPNE, вклучително и Македонија, но ниту една влада нема преземено мерки и нема казнето ниту еден од операторите на термоцентралите. Исто така, ниту една од земјите нема ажурирани и реални планови за усогласување со граничните вредности на загадување и/или затворање на старите термоцентрали.
– Владите и операторите се одлучни во тоа да го „исцедат“ секој можен киловат електрична енергија од своите стари термоцентрали, независно од здравствените последици од тоа. Националните планови за енергија и клима (NPEK) мора да дадат јасен патоказ за исфрлање на јагленот од употреба, но досега потфрлаат во тоа. Во Македонија, планираното затворање на термоелектраните се одложува и не се презема ништо за да се намали загадувањето од нив. Операторите не смеат да се однесуваат вака, централите мора или да се затворат или да се усогласат со правилата за контрола на загадувањето – вели Давор Пехчевски, координатор за енергија на Балканот во „Банквоч“.
Според Жарко Конески, програмски координатор за енергија во „Екосвест“, наодите од извештајот се исклучително загрижувачки, особено делот дека воопшто не се мерат емисиите од електраните, туку само паушално се пресметуваат.
– Тие се обврзани да обезбедат континуирано мерење на загадувањето што го предизвикуваат, но ниту таа обврска не е исполнета. Очигледно е дека и понатаму се планира отворање нови јагленокопи, со што инвестициите се насочуваат таму наместо кон намалување на загадувањето и кон енергетска трансформација. Потребно е да се забрза веќе планираното постепено и етапно заменување на застарената опрема со иновативни технолошки решенија во преминот кон обновливи извори на енергија – истакна Конески.
(С.Бл.)