Бројот на посетители на Приплјат, во турите на таканаречениот црн туризам, што подразбира посети на места каде што страдале луѓе, секоја година растеше, надминувајќи 250.000, сè до неодамна, кога почетокот на војната во Украина ги избрка и туристите. Организирани тури веќе нема, но оние кои сепак влегуваат во него треба да не допираат ништо, да не јадат на отворено, да носат облека која целосно им ги покрива рацете и нозете и да внимаваат каде се движат зашто уште има зони со висока радијација
Малото гратче Припјат, некогаш во Советскиот Сојуз, сега во Украина, некако нема среќа со луѓето. Беше населено само 25 години, а сите жители го напуштија по експлозијата на реакторот во нуклеарката Чернобил, која се наоѓа на три километри од него.
Наредните 25 години, испразнет и опустошен, Припјат го нарекуваа „град на духови“, сè до 2011 година, кога украинските власти оценија дека е безбедно да се влезе во него, па ги пуштија туристите. Бројот на посетители во турите на таканаречениот црн туризам, што подразбира посети на места каде што страдале луѓе или имало катастрофа, секоја година растеше, сè до неодамна, кога почетокот на војната во Украина ги избрка и туристите, па Припјат повторно стана „град на духови“.
На почетокот во опустеното гратче влегуваа по десетина илјади туристи годишно, за последните години, особено по емитувањето на серијата „Чернобил“ нивниот број да порасне на над 250.000. Можноста за туристички тури во Припјат се отвори откако е измерена намалена радијација, но само во некои негови делови. Додека постоеше можност за посета, туристите се движеа по трасите со намалена радијација во придружба на туристички водич. Не се препорачуваше седење на тлото и допирање на растенијата и објектите. Исто така дел од правилата за влегување во градот беше да не се консумираат храна и пијалаци на отворено, а сите мораа на себе да имаат облека што целосно им ги покрива рацете и нозете, како заштита од радијацијата. Пред да влезат во градот туристите минуваа низ два контролни пункта, иако некои од нив не се придржуваа кон правилата.
Веќе нема организирани тури, но популарноста на Припјат не опаѓа. Од време на време во него влегуваат луѓе кои сакаат да го видат, или екипи кои снимаат репортажи. И за нив се препорачува да ги следат правилата за движење и однесување.
А за Припјат, гратчето на север на Украина, 100 километри оддалечено од Киев и близу границата со Белорусија, никој во светот немаше слушнато се до 26 април 1986 година, кога експлодира четвртиот реактор во блиската нуклеарна централа „Чернобил“. Но, ова гратче беше надалеку познато во тогаш огромната држава Советски Сојуз. Припјат беше советскиот сон, место каде што сите сакаа да живеат. Основан е во 1970 година како деветти „атомград“ кој ја опслужувал блиската нуклеарна централа. За град е официјално прогласен во 1979 година и важел за многу модерно место во кој било престиж да се живее. Припјат имал железница, речно пристаниште, кино, 25 одлично снабдени продавници, 27 кафулиња, 15 градинки и основни училишта, пет средни школи, хотел, библиотеки, 10 стрелани, 10 теретани, два стадиона и три затворени базени, како и 35 игралишта, вештачко езеро од каде жителите се снабдувале со риба, големи паркови и многу зеленило. Болницата можела да прими 410 пациенти, а имало и три клиники. Просечната старост на жителите била 26 години. Интересно е тоа што населението воопшто не било загрижено што живее во близина на нуклеарна централа, а градоначалникот еднаш рекол дека најголем проблем на градот е големиот „бејби бум“.
По нуклеарната катастрофа, од Припјат се иселени сите 50.000 жители, а поголем дел од нив создале дом во новоизградениот град наречен Славутич. Тие спиеле кога се случила катастрофата и не ни насетувале дека се во голема опасност. Денот почнал вообичаено, луѓето шетале, оделе на работа, децата тргнале на училиште… Тој ден имало и 16 венчавки. Првите предупредувања за опасност дошле напладне, кога на децата во училиштата им биле поделени таблети со јод и биле пуштени дома, а на жителите им било кажано да не отвораат прозорци и да не излегуваат. Евакуацијата почнала дури следниот ден, на 27 април, околу 14 часот и за три часа со автобуси кои формирале колона подолга од 19 километри сите го напуштиле градот.
На жителите им било кажано дека си заминуваат само на кратко, па им било препорачано да понесат храна и пари за три дена, но како што се покажа, никогаш немале можност да се вратат. Иако градот е деконтаминиран неколку пати, во него не е возможно да се живее, па се проценува дека низ годините зградите сами од себе ќе се урнат и Припјат, гратчето со најдобри услови за живот, но без жители, ќе исчезне од лицето на Земјата.