Обновена свечената сала во ООУ „Димитар Миладинов“

76

Свечената сала во ООУ „Димитар Миладинов“ на територијата на Општина Центар доби нов лик. Во салата која е со површина од 400 квадратни метри, во текот на летниот период санирани и варосани се таванот и внатрешните ѕидови. Целосно е реконструирана влезната просторија меѓу двете сали, каде е поставен нов ламинат.

Свечената сала веќе е ставена во функција, а градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски очекува дека реновираниот простор  ќе си ја оправда својата намена.

-Добивме уредена сала за одржување приредби, настани, културно-општествени манифестации. Присуствуваме на настанот со кој се одбележа и Светскиот ден на првата помош, во организација на Црвениот крст на О.О.Центар. Осмоодделенците имаа можност, во чист и пријатен амбиент, да се стекнат со знаења за основите на прва помош. Имавме одличен настан, а ова е само почеток – истакна Герасимовски.

Свечената сала е реновирана со средства од донации што ги обезбеди самото училиште. Покрај оваа инвестиција, училиштето го опреми кабинетот за првачињата со нов мебел, во вредност од 200.000 денари.

-Подобрување на условите во образовниот процес и квалитетната едукација се темел на нашата иднина, потенцираше Герасимовски, за време на посетата на ООУ „Димитар Миладинов“.