„Облак“ од песок од Сахара ја покри Европа, не ја заобиколи ниту Македонија/ВИДЕО

373

Воздухот што деновиве струи над земјите од Медитеранот, вклучувајќи ги тука и земјите од регионот, не носи само топлина, туку и песок, кој ќе биде особено присутен утре, а вчера веќе беше видлив на сателитските снимки, објавија повеќе специјализирани портали и метеоролошки институции.  Геосфера Австрија објави анимација од пристигнувањето на песокот од Сахара, а хрватски Истрамет ја сподели на Фејсбук.


И Мерните станици за загаден воздух во Битола и околината, покажаа висока вредност на загаденост, поради песокот од Сахара кој повторно е присутен во Македонија.

Најизразен е во јужните делови од земјава, меѓутоа го има насекаде, и во Скопје и околината.

Според податоците на официјалната страница на министерството за животна средина, во најтоплите делови од денот, концетрацијата на прашина во Битола изнесуваше 152 микграми на метар кубен. Ваквата појава ја најавија и метеоролозите.

Прашина од Сахара веќе имаше неколку пати во Македонија во изминатите месеци.

Огромни количества честички од пустински песок и прашина од Сахара има и во делови од Европа, кои пристигнуваат од северот на Африка преку западниот и централниот Медитеран.

Главниот пат на овој облак од песок и прашина ќе биде од Алжир преку западната половина на Медитеранот, Мајорка, Сардинија, Сицилија и Корзика сè до северот на Италија, Алпите, југот и истокот на Франција, југот на Германија, а потоа овој „облак“ ќе ја покрие цела централна и јужна Европа.