Исак Реџиќ публиката ја фрли на колената со македонската “Ај, Ѓорушице црно око“, па сега повторно им се враќа на настапите. – После смртта на татко ми, правев долга пауза.  Ќе заминам, повремено  да пеам во Турција, во Истанбул и Анкара. Таму и порано настапував во нивните музички ТВ-емисии…Имам и нови песни за нашиот и српскиот пазар!

Секако дека го памтите Исак Реџиќ од Скопје, кој пред неколку години растури и сите ги извади од памет кога на “Ѕвездите на Гранд“ ја испеа старата македонска народна песна “Ај Ѓорушице црно око“. Рамнодушен никој не остана, а публиката покрај малите екрани своето воодушевување го искажа со илјадници одлични коментари по социјалните мрежи. После овој настап Исак доби многу ангажмани, а турските менаџери се фрлија на него, да го однесат на нивниот голем музички пазар. И се случи тоа. Да го претстават пред својата публика ова момче со бисерен, моќен глас, но и со атрактивен изглед. Ние од ВЕЧЕР деновиве го најдовме во Скопје. Тој повторно им се враќа на настапите, иако после смртта на татко му, правеше пауза. Сега повремено заминува да пее во Турција, во Истанбул и Анкара. Таму настапува и во нивните музички ТВ-емисии и постигнува забележителни успеси.
Меѓутоа, иако е таму, нашиот скопјанец Исак, не ја заборава својата Македонија, својот Балкан. Подготвува и неколку нови песни и за нашиот, но и за српскиот музички пазар. Вели дека се одлучил за три песни, од авторот Боби Серафимовски познат музичар од Куманово: Од кафена до кафеана, Еј планино, А кога ќе заминеш ти… Промоцијата на песните треба наскоро да се случи, па со задоволство ќе бидат поканети медиумите.

– Песната “Еј, планино“ е поп-балада со етно призвуци. Кога ја слушнав ме потсети на мојот починат татко. Токму затоа толку многу ме трогна песната, емотивно раскажа Исак за читателите на ВЕЧЕР.
Својата кариера Исак ќе ја насочува и понатаму кон единствено квалитетни песни, бидејќи комерцијалниот момент не го интересира, иако во музиката се вртат големи пари.
– Знам, свесен сум за тоа, но јас во таа комерцијала која е најчесто со сомнително потекло, не се пронаоѓам. Пеам песни кои имаат трајна вредност, тежина, оние за кои треба да имаш глас и сериозна интерпретација. Мене тоа ми е предизвик, а не тие некои песнички, хитчиња со доста кус рок на траење. Одбрав потежок пат до срцата на публиката. Само така можеш да траеш долги години на естрадата, како што уште траат одреден број квалитетни пејачи од поранешната југословенска музичка сцена, искрено ни раскажа Исак на крајот од средбата.
Дуле М.
Фото:ФБ