Oд утре делумна забрана за движење во шуми и шумско земјиште

395

Од утре се воведува делумна забрана за движење во шуми и на шумско земјиште, и тоа во периодот од 6 до 20 часот. Забраната стапува во сила од утре и се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.

– Делумната забрана за движење во шума ќе трае сè до проценката дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзиното отповикување – се наведува во соопштението на „Национални шуми“.

За непочитување на оваа забрана, на физичките лица што ќе бидат затечени дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно со член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

Оттаму посочуваат дека оваа делумна забрана не важи за Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, субјектите што вршат шумско-стопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата и лицата коишто имаат писмено одобрени за движење во шумите.

Од ЈП „Национални шуми“ објавија дека во 2021 година претпријатието продало дрвни сортименти во количина од 449.707 кубни метри, од кои 92.458 м3 техничко дрво, 344.110 м3 огревно дрво и 13.139 м3 отпад по сеча. Споредено со 2020 година, остварената продажба на дрвни сортименти е намалена во апсолутен износ за 57.940 м3, како последица од состојбата со коронавирусот во земјава и пошироко на глобално ниво, кога беше отежната состојбата на пазарот со дрво и дрвни сортименти.