Oд Охридско Езеро исчезнаа 208 милијарди литри бистра вода –  ХЕ „Глобочица“ и „Шпилје“ целосно го запреа производството на струја

766

Секој ден забрзано го губиме највредното богатство – водата. Вештачките езера пресушуваат, а природните се на истиот пат. Причина за тоа е сушниот период без врнежи од дожд и од снег, но и работењето на хидроцентралите за производство на електрична енергија.

Откако се покажа сувото дно на Мавровско езеро и на акумулацијата „Козјак“, Владата на 5 овој месец донесе одлука сите државни хидроелектрани да го запрат производството, без оглед дали зафаќаат вода од природни езера, или од вештачки акумулации.

Од Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ – ЕСМ за весникот ВЕЧЕР потврдуваат дека состојбата со езерата и акумулациите е на незавидно ниво, а причината е лошата хидролошка година која експертите ја оценуваат како исклучително сушна и во однос на водите е под просекот од последните 15 години.

– Владата, ЕСМ и сите други надлежни институции прават се’ што е во нивна моќ во однос на ова прашање. Запрено е испуштањето вода за производство на електрична енергија, (освен минимални количини за потреби на моментални балансирања на системот за одржување на напонот). Од друга страна, пак, нема истек за наводнување со оглед на тоа што заврши вегетацискиот период – велат од ЕСМ.

Оттаму нагласија дека од 25.11.2020 година електраните „Глобочица“ и „Шпилје“ нема да работат ниту за системски потреби, односно целосно се запрени, а времето ќе се искористи за реализација на поголеми инвестициски активности (замена на преттурбински затворачи во ХЕ „Глобочица“).

– Мора да се има предвид фактот дека на оваа состојба, не може многу, или не може секаде, да влијае човечкиот фактор односно институциите, од причина што податоците покажуваат неповолна хидролошка состојба и кај водните површини каде што има хидроелектрани, но и таму каде што нема. На пример, Преспанско Езеро нема производен капацитет. Исто така, езерото „Калиманци“ има само една мала хидроелектрана на ЕВН од само 13 мегавати. ХЕЦ „Маврово“, која е во сопственост на ЕСМ, е во целосен ремонт од септември наваму, не работи и не испушта вода од „Мавровско Езеро“ – истакнуваат од ЕСМ.

Акумулацијата „Козјак“ во близина на Скопје, се исуши. Водата ја снема на повеќе места во вештачкото езеро освен тука-таму долж акумулацијата, а и по малку тече во коритата на реките Треска и Беличка Река кои треба да го полнат езерото. Од ЕСМ велат дека нивото на акумулацијата на ХЕЦ „Козјак“ изнесува 436,17 мнм, и истата е 1,17 метри над минималното дозволено ниво од 435,00 мнм.

– Во изминатиов период и периодот кои следи, ХЕЦ „Козјак“ се ангажира со најмал минимум, исклучиво за обезбедување на системска услуга за одржување на стабилноста електроенергетскиот систем согласно насоките од Владата – велат од енергетската компанија.

Од ЕСМ нагласуваат дека во изминатиот период никаде не е прекршена водостопанската дозвола таму каде има постоење на корисник на водите, односно никаде водата не е спуштена под минималната кота на биолошки минимум.

– И УХМР соопштува за лоша хидролошка година, кое се поклопува со состојбата која е на терен. Така што, со преземените мерки досега и со сезонските врнежи кои се очекуваат, состојбата во акумулациите и езерата во следниот период се очекува да се подобри – се очекувањата од ЕСМ.

Охридско Езеро намалено за 58 сантиметри

Големо намалување на водата има и Охридското Езеро. Охриѓани велат дека за околу 4 месеци нивото на езерото е намалено за цели 58 сантиметри.

– Трагите на карпите покажуваат до каде беше нивото на водата летово. Повлекувањето на водата за цели 58 сантиметри е прилично голема бројка. Пресметките што ги направив покажуваат дека на површина на езерото од околу 358 квадратни километри, со намалување на нивото од 58 сантиметри изгубени се околу 208 милиони кубни метри, т.е. 208 милијарди литри бистра вода. Од тоа количество сите 7 милијарди жители на Земјината топка би можеле да испијат по околу 30 литри вода. Секој жител, од новороденче до старец би можеле да пијат вода половина месец. За Македонија тоа би било 103.820 литри вода за секој Македонец. Ако секој од нас пие по 2 литри дневно, тоа е вода за наредните 51.910 дена, или 142 години. Со просечна потрошувачка од 10 кубни метри вода по домаќинство месечно, со изгубената вода цел месец би се служеле над 20 милиони домаќинства. Или пак, секое од над 16-те илјади охридски домаќинства би можело да искористи околу 13.000 кубни метри вода, или да има вода за наредните 1.300 месеци, односно 108 години. Или во рамките на Македонија тоа се околу 368 кубни метри по домаќинство, односно вода за над 560.000 македонски домаќинства во наредните 37 месеци, т.е. 3 години – вели Костадин Петкуќески, кој ја направил оваа весела математика.

Тој оваа загуба на вода ја пресметал и низ призмата на парите.

– Охридски водовод ни наплаќа 27,41 денари по потрошен кубик вода. Значи за изгубените 208 милиони кубни метри вода би платиле околу (5,7 милијарди денари) или 92,5 милиони евра. Ако земеме во предвид дека на база на потрошена вода „Нискоградба“ ги наплаќа трошоците за одвод на отпадни води пресметките би биле двојно поголеми. Ако во продавница 1 литар пакувана вода во шише чини околу 15 денари, за испуштените 208 милијарди литри би требало да платиме вртоглави (3,1 трилиони денари или околу 50,6 милијарди евра – стои во пресметката на Петкуќески.

Тој се согласува со фактот дека природните фактори како недостиг на врнежи, пресушени извори, многу мал дел и во испарување влијаат врз намалување на Охридско езеро, но смета дека најголем е човечкиот фактор, негрижа, егоизам, пред се лакомост и желба за брз и лесен профит.

– Конкретно во случајот со Охридско Езеро цело лето неконтролирано, нерационално и прекумерно се испушташе вода во Дрим, за да може електраните да произведуваат струја, која потоа се извезуваше (тоа е друго прашање, ама спротивно на секоја економска логика, во лето кога побарувачката и цената се мали) за сега секако да се увезува многу поскапа струја. Секако некој си лапна дебели провизии, и при извозот и при увозот. Во исто време немаше врнежи за барем малку да ја ублажат ситуацијата. Но најважно е што Охридско Езеро е поврзано со Преспанско преку подземни канали под Галичица, и поради разликата во надморската височина главниот прилив го добива од него. А знаеме во каква катастрофална ситуација е Преспанското Езеро – заклучува Петкуќески.

Во однос на Охридското Езеро, од 17.11.2020 година истекот во Црн Дрим е затворен и се испушта вода од само 2 кубни метри потребни за биолошки минимум во реката.

(С.Бл.)