Стихозбирката „Тајнописец“ на младата писателка Верица Мукоска, е објавена деновиве во издание на „Современост“ – Скопје. Од рецензијата на стихозбирката напишана од македонскиот писател, историчар на литературата и книжевен критичар – Васил Тоциновски се истакнува дека „уводните стихови извонредно децидно ја наметнуваат атмосферата како стожер во автохтоноста на поетиката на Мукоска во која се бараат и пронаоѓаат одговори на тајните, дилемите и недоумиците во посакуваната ноќ која пламти во несоница.

-Нештата како да се случиле пред сонот/сонувањето, та разбирливо на сите страни владее тишина. Тоа е оној миг кога одненадеж или поточно магично се обединиле времето и просторот. Се актуелизираат темите и мотивите во третиот циклус посветени песни со наслов за размисла Враќање. Поагајќи од зборот како суштина на постоењето, поетесата мудро покажува оти зборот е едно, но една и единствена мера за човекот не се зборовите, туку тој се запишува во колективната меморија со своите дела кои поседуваат трајни етички и естетски вредности. Македонскиот непокор е „Носталгично угаснување“ на Анте Поповски, а во „Антологија на стравовие“ средбата со втемелувачот на современата македонска книжевност Кочо Рацин, вели Тоциновски.

Верица Мукоска (1999) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности од каде продолжи и втор циклус студии по Македонска книжевност. Првите стихови започнала да ги пишува уште во детските денови, а во 2009 година ја објавила првата стихозбирка за деца „Стихови од срцето на природата“.

Романот „Дневникот на длабоките тајни“ е нејзино прво прозно дело, а „Равенка на стравот“ е нејзиниот најнов роман што се промовираше на минатогодишниот Саем на книга. „Тајнописец“ е нејзината најнова стихозбирка во издание на „Современост“ – Скопје. Уредничка е на најстарото списание за литература, култура и уметност „Современост“. Активно соработува со Катедрата за Македонска книжевност и култура каде одржува вежби по неколку предмети. Нејзини текстови и песни се објавувани во македонски и странски литературни списанија.