На Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура учествуваат семинаристи од Кина, САД, Јужна Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република, а неколку од нив за весникот ВЕЧЕР ги споделија своите импресии од Летната школа, Охрид, но и зошто го изучуваат токму македонскиот јазик

Во Охрид, во тек е одржувањето на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) на која учествуваат околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави од светот – посветеници на македонскиот јазик, литература и култура. Во рамки на Школата, која ќе трае до крајот на месецот, предвидена е програма која покрај лекторската настава и предавања, вклучува и низа настани кои имаат за цел на странските македонисти да им овозможат и нови видици за македонскиот јазик, литература и култура.

Првото предавање беше во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, со предавање беше одбележан и јубилејот 120 години од Илинденското востание, а ќе биде одбележан и јубилејот 120 години од објавувањето на капиталното дело на Крсте Мисирков „За македонцките работи“. На Летната школа учествуваат семинаристи од Кина, САД, Јужна Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република, а неколку од нив за весникот ВЕЧЕР ги споделија своите импресии од Летната школа, Охрид, но и зошто го изучуваат токму македонскиот јазик.

Катерина Рашиќ, од Србија, студира на Филолошкиот факултет во Белград, моментално ги завршува докторските студии

Со македонистиката се занимавам повеќе од десет години, најмногу со македонската дијалектологија и со историјата на македонскиот јазик. Со текот на времето сè повеќе внимание му посветував на македонскиот јазик. Македонскиот јазик ми е особен предизвик поради тоа што влегува во балканскиот јазичен сојуз. Мојата докторска дисертација е посветена на македонистиката, бидејќи го согледувам односот на југоисточните српски говори со другите балканословенски дијалектни комплекси, со акцент на српско-македонските и македонско-српските меѓујазични и меѓудијалектни врски и влијанија во минатото, но и резултатите кои ги имаме денеска. Кога станува збор за Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, јас сум повеќегодишна учесничка. Оваа Школа е многу важна за сите нас кои се занимаваме со македонистиката надвор од Македонија, бидејќи преку неа ги продлабочуваме своите знаења, но и врските помеѓу нашите универзитети. Секако, лекторските вежби тука секогаш се на прво место бидејќи ги прошируваме своите знаења, конкретно јас од областа на современиот јазик, особено морфологијата и синтаксата. Всушност, на лекторските вежби најмногу работиме, најмногу напредуваме и најмногу ги прошируваме своите знаења, но секако она што има големо значење за нас се и предавањата каде што имаме можност да ги прошириме своите знаења и од областа на литературата и културата, како и од областа на македонскиот јазик, особено кога има значајни јубилеи, книжевни промоции итн. Така многу подобро се запознаваме со македонската култура на едно повисоко ниво. Сметам дека вакви настани, семинари и конференции како и Собирот на млади македонисти се многу важни како за македонистите Македонци, така и за сите нас кои се занимаваме со македонскиот јазик надвор од Македонија. Традицијата на оваа Школа треба да продолжи и понатаму и се радувам на некоја нова средба.

Цјао Чен, од Кина, работи како професорка по македонски јазик на Пекиншкиот универзитет за странски студии

На нашиот универзитет, ние сакаме да имаме настава по македонски јазик. Затоа јас дојдов тука, во Охрид да го учам македонскиот јазик за полесно да го совладам. Претходно учев македонски јазик со професорот Симон Саздов од УКИМ, неколку месеци, и уживав во тоа. Мојот впечатокот е дека кога слушам македонски јазик се чувствувам енергично, убаво. И уживам во студирањето, овде на Балканот. Многу убаво се чувствувам и на Летната школа, многу смирено, ми се допаѓа организацијата на семинарот, ми се допаѓа Охрид. Многу добри се и предавањата, наставата што се одвива овде. Би сакала за една година да живеам во Скопје, Македонија.

Кристина Дуфкова, од Чешка, предава македонски јазик на Масариковиот универзитет во Брно

За првпат се сретнав со македонскиот јазик во 2010 година. И веднаш почувствував дека во него има нешто словенско, но и нешто несловенско, нешто егзотично што мене многу ме привлекуваше. Тогаш веќе ми беше познат црковнословенскиот јазик и интересно ми беше колку всушност можев јас да разберам од македонскиот јазик. Потоа имав прилика да учествувам на Летната школа во Охрид и имав можност освен јазикот, да ги засакам и македонската култура и литература. Но исто така и природата овде. Мислам дека Летната школа е одлично организирана, бидејќи, ние учесниците можеме да посетуваме и вежби и предавања, а читаме поезија, проза и драми. Имаме и време за релаксација, но и за сериозни разговори со колегите, како на премер дискусијата за постоењето/непостоењето на јазикот како категорија. Тука, на Семинарот, покрај Охридското Езеро, чувствувам дека се враќаме на зборот, на значењето на зборот и на значењето на говорот. Соработката со моите колеги многу ми значи. Имав можност да соработувам на изработка на Чешко-македонскиот речник. Инаку, многу уживам во читање на македонска проза и поезија, но сакам и преводи и препеви. Тие ми се важни, но им се важни и на моите студенти во Брно.

Карла Шкрлец од Универзитетот во Загреб, Хрватска

Проучувањето на македонскиот јазик кај мене дојде сосема случајно. Еден ден додека слушав музика најдов некои песни на јазик кој ме потсети на кајкавскиот дијалект од Хрватска и заклучив дека можеби лесно ќе го научам. Мојата професорка Тинка Бабутов Крстева дополнително ме мотивираше, како и потоа сите професори на факултет, меѓу кои и Ивица Баковиќ. Јас самата имав желба, но тие уште повеќе ме мотивираа и затоа продолжив да се занимавам со македонскиот јазик. На факултетот имам многу добар професор по литература, така што имаме часови и по македонска поезија и драма и можеме многу подлабоко да влеземе во материјата. Затоа ми се допаѓа и оваа Школа бидејќи во добра околина можеме одбрани теми подобро да ги продискутираме. Ми се допаѓа и за мене е предизвик што сум тука. Јас уште не ја познавам толку добро македонската литература, така што, во група со професори кои се подобри и подолго се движат во македонистиката, можам многу да научам. Инаку, без школите на МСМЈЛК при УКИМ не би имала толку можности да доаѓам во Македонија и да ја запознавам културата, бидејќи немам семејство тука. Сепак, сега веќе имам другари кои ги запознав во текот на годините. Што се однесува до летните школи, ако оценката е од 1 до 10, јас би дала 11, затоа што претставуваат оаза каде што можеме многу да научиме и имаме многу организирани настани. Тука се промовираат книги, имаме и предавања, а во исто време мислам дека времето е одлично избрано бидејќи во исто време се организираат и „Поетската ноќ во Велестово“, Струшките вечери на поезијата, Шорт фестивал претходно… Постојано добивам поддршка од другари и луѓе кои ги запознавам тука и тоа многу ме инспирира да продолжам да се занимавам со македонистиката.

Маќеј Кавка, Универзитет во Краков, Полска

Јас сум лингвист и преведувач, се интересирам за македонската литература и македонскиот јазик, пишувам и статии, а изминатиов период се занимавав и со превод на поезијата на Ацо Шопов, која е објавена во издание и на полски јазик.  Интересот за македонскиот јазик се градеше со години. Јас дојдов во Македонија во 70-тите години како лектор по полски јазик на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и оттогаш почнав да ги студирам македонскиот јазик и литература и да се интересирам за Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Така од година во година го продлабочував знаењето и интересот со години постепено се зголемуваше. Сега сум пак тука, во оваа прекрасна земја Македонија и можам да учествувам и да го усовршувам знаењето за македонскиот јазик и добивам прилика пак да зборувам на македонски јазик, да читам македонска литература. Јас мислам дека школите на МСМЈЛК при УКИМ се многу потребни за странските студенти и воопшто за странските истражувачи на македонистиката. Таа врска меѓу љубителите на Македонија и македонската култура да биде директна, а тоа може да се оствари само преку престојот на ваква школа. Преку оваа Школа може да се обнови знаењето, да се почнат нови проучувања и да се запознаат семинаристите со новите текови во македонската литература, македонската лингвистика и македонската култура. Исто така имаме прилика да се запознаваме со студенти од други земји и да воспоставиме соработка со различни култури на оние кои се посветеници на македонистиката.

Никита Никитин, студент по македонистика на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва

Македонскиот јазик го студирам веќе три години и мислам дека мојата одлука да го учам беше една од најдобрите во мојот живот. Сега сум во Македонија, вторпат на Школа на МСМЈЛК при УКИМ. Уживам во убавото време и многу се дружам со Македонците и со луѓето од другите земји. Она што многу ме привлекува кон македонскиот јазик и кон македонската култура е веројатно македонската литература. Многу го сакам Венко Андоновски. Вчера се дружев со моја пријателка од Струга и ѝ раскажав за романот „Папокот на светот“ и таа веќе го купи во текот на нашата прошетка. Многу ми е пријатно затоа што некако ја промовирам македонската култура. Се занимавам и со преведување и преведувам од македонски на руски. Досега го имам преведено романот на Горјан Петревски „Марта“ и уште имам еден роман, „Калеш Анѓа“ од Стале Попов. Се надевам дека и понатаму ќе се занимавам со преведување. Добро е што постои оваа Школа, бидејќи таа е убава можност да го подобрам македонскиот јазик и да се запознам со луѓе со кои се надевам и понатаму ќе се дружам. Многу го сакам и Блаже Конески и имам напишано и неколку статии за него. Особено ја сакам неговата проза, којашто мислам дека не е толку позната и афирмирана, колку што е позната неговата поезија.