Неодамна се огласи поранешниот американски тенисер, Џејмс Блејк, кој изјави дека Новак Ѓоковиќ ќе освојува големи трофеи кога ќе посака. Но, и Џон Мекинро го мисли истото.
Еден од најдобрите тенисери на сите времиња редовно го брани Ѓоковиќ, а сега истакна дека верува оти нема да застане на 24 грен-слем титули. Новак сезонава нема ниту еден освоен грен-слем, но јасно е дека негова главна цел цела година беше освојувањето на Олимписките игри.
Новак не само што нема освоено грен-слем титула туку нема освоено ниту еден АТП-турнир во 2024 година, а на САД опен, кој заврши викендот, беше елиминиран уште во третото коло, од Алексеј Попирин. Сепак, ова не е првпат многумина да го отпишат и да го пратат во пензија. На тоа многу добро се сеќава поранешниот повеќекратен освојувач на најголемите титули.
- Никогаш не смеете да го отпишете, но ова беше навистина првпат сериозно да се прашаме дали повторно ќе победува и ќе освојува. Сите се прашуваа колку е можно да остане мотивиран. А, потоа го освои олимпиското злато. Воодушевен сум што успеа да остане мотивиран толку долго – изјави Мекинро за „Еуроспорт“.
Новак стигна до полуфиналето на Австралија опен, а потоа се повлече пред четврт-финалето на Ролан Гарос, поради повреда на коленото. На Вимблдон стигна до финалето, каде што загуби од Алкараз, а сега многу рано испадна во Њујорк. Она што го загрижува Мекинро е што другите тенисери повеќе не се плашат од Ѓоковиќ.
- Ќе бидам изненаден без разлика на сè. Ако не победи, ќе бидете изненадени затоа што лани освои три грен-слема, а сега зборуваме за тоа дека нема повторно да ги освои. И јас би бил малку изненаден ако освои турнир во одреден момент, пред сè поради своите години. Во некои моменти, годините ве стигнуваат и тогаш ја губите самодовербата во однос на другите момци. Тогаш другите момци мислат дека имаат шанса против вас. Тоа е она против што се бори тој во моментов. Ќе биде интересно да се види дали ќе може да се извлече од тоа, но мислам дека ќе има доволно мотивација да го освои 25. грен-слем – заврши Мекинро.