Заменик-генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов, не прецизираше колкава ќе биде материјалната штета од пожарите што ја зафатија земјава. Резултатот од оваа невидена катастрофа дополнително ќе се пресметува, бидејќи од земјава буквално е збришан огромен шумски фонд.
– За тоа ќе биде потребно време. По завршувањето на пожарите, потребно е да се „искартира“ теренот и се пресметува колкава површина е зафатена. Тоа е период што трае. Можеби, ќе поминат неколку месеци. Во моментов, приоритет ни се заштитата на шумите и гаснењето на веќе активните пожари – потенцира Михаилов
Големите пожари, кои со денови беснеат низ целата држава, го земаат својот данок, а екологистите предупредуваат дека тешко ќе може да се измерат штетите за биодиверзитетот, а уште повеќе да се надоместат.
Кире Михаилов, заменик-генерален директор на „Национални шуми“, за весникот ВЕЧЕР вели дека, настрана материјалната, пред сè еколошката штета од шумските пожари, кои периодов беснеат низ државата, ќе биде огромна, бидејќи, како што вели, цели колонии ендемски видови растенија се уништени во пожарите.
– Прашање е како ќе се однесува природата во наредниот период и дали ќе овозможи да се обноват некои од нив или ќе треба да се прават анализи и да се реагира врз основа на нив – вели Михаилов.
Во пожарите, кои ја зафатија околината на Пехчево, на крајот од јули, изгоре ретко растение, кое кај нас го има само во Малешевијата. Станува збор за многу специфичното инсектојадно растение муволовка, кое живее на тресетишта на само три локации во Источна Македонија. Растението не е на црвените листи на заштитените видови во земјава, но неговата вредност е голема, поради тоа што е ретко за овие поднебје и климатски услови.
Раководителот на подрачната единица на „Национални шуми“ – Серта во Штип, Зоран Манев, објаснува дека за да се обнови шумскиот фонд, потребни се 50, па и повеќе години.
– Загубата не е само во дрвја туку и во микроорганизми, инсекти, воден и воздушен режим. Тука се животинскиот и растителниот свет. Умрени се и диви животни што не можеле да ги избегнат пожарите – вели Манев и додава дека само на планината Серта, на ловиштето и на полигонот Криволак изгорела површина од 1.300 хектари.
Тој додава:
– Се работи за нискостеблеста шума од даб и габер и некои други вида, како што е, на пример, дивата круша. Триесет проценти од тие површини се пасишта, а има и девастирана шума.
Како што информираше Михаилов, во пожарот над Ново Село во Струмица изгорела површина од 550 хектари, дел висококвалитетна борова шума, дел деградирана. Во двата пожара над Битола, изгорела површина од 166 хектари, во пожарот, пак, над Радовиш, на планината Плачковица, изгореле 197 хектари, додека во Пехчево, во првиот пожар од пред околу три недели, изгорела површина од 380 хектари, од кои само 40 хектари биле со висококвалитетна шума, додека останатите биле деградирана шума.
– Новиот пожар над Пехчево, кој беше изгаснат во текот на завчерашниот ден, зафати површина од околу 200-250 хектари – истакна Михаилов.
Тој додаде дека еден од пожарите во Гевгелија зафатил површина од над 400 хектари.
Михаилов не прецизираше колкава ќе биде материјалната штета од пожарите што ја зафатија земјава. Тој наведе дека дополнително ќе се направат финансиски пресметки за тоа колкави се штетите на шумскиот фонд.
– Ќе биде потребно време за тоа. По завршување на пожарот, потребно е да се „искартира“ теренот и се пресметува колкава површина е зафатена. Тоа е период што трае. Можеби, ќе поминат неколку месеци. Во моментов, приоритет ни се заштитата на шумите и гаснењето на веќе активните пожари – потенцира Михаилов.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска нагласи дека уништените дрвја од пожарите нема да се користат за комерцијални цели.
– Овој пат нема да се случи тоа. Еве, го имате мојот збор. Вие со право правите реминисценција на пожарите од 2021 година, особено во делот на Малешевијата и Пијанец, кои завршија во некои од стовариштата и со право имате грижа и ја оправдувам, но во овој случај нема да се случи тоа – одговори Мицкоски на новинарско прашање кога ќе донесе Владата одлука или законски измени со што ќе се забрани сечата на уништените дрвја од пожарите оваа година. Тој рече оти нискостеблестата шума, грмушките и тревата ќе пораснат, но човекот нема да се врати.
Мицкоски додаде дека има закон што е функционален и со дивата сеча, но и со регуларната, и тоа се планови што ги прави ЈП „Национални шуми“.
– Тоа што беше оставено тоа претпријатие 4-5 месеци да не добиваат плата вработените, тоа е еден проблем што го решивме со ребалансот. Вториот проблем, тоа што таму по систематизација треба да имате околу 400-500 дрвосечачи, а таму реално оперативно немате ни 30, бидејќи сите оние што треба да бидат дрвосечачи, во меѓувреме станале администрација. Тоа е вториот проблем што го имаат новото раководство и директорот, како проблем со кој треба да се занимаваат. Трет проблем е што сето она што треба да биде логистика, особено во процесот на справување со пожарите, како што се хеликоптери, летала, опрема што е потребна, не постоела и 10 јули, кога почна сето ова, ние буквално во тој момент немавме оперативни летала, не само воздухоплови туку и хеликоптери и луѓе што ќе ги управуваат нив, бидејќи беа во пензија – посочи премиерот и потсети дека на двапати го активирале ЕУ-механизмот за помош.
Мицкоски повтори дека на последната седница на Владата е донесена одлука за парична помош, „односно за вонреден трансфер на средства потребни за гаснење на пожарите до ЦУК околу 10,5 милиони денари и до Дирекцијата за заштита и спасување 41 милион денари“.
Активни 12 пожари, седум под контрола
Од Центарот за управување со кризи информираа дека се активни вкупно 12 пожари низ Македонија.
Во текот на вчерашниот ден, имало вкупно 49 пожари, од кои 7 се под контрола, а 30 се изгаснати.
Активни пожари има кај Јасен – Белица, потоа кај селата Пресека и Цера, на Галичица – на исток во правец на селата Лескоец и Стење, односно на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа. Има пожар и кај селото Дебреште, кој се шири кон селата Рилево и Зрзе, како и кон селото Карпа, кај селата Патеец и Козичино, односно пожарот е проширен кон селото Горно Крушје. Гори и кај селата Зајас и Горно Строгомиште, но и кај селото Врбен. Од ЦУК посочија дека има пожар и кај селата Полог, Брник, Ивени, Рапеш и Паралово, а гори и кај селото Острец. Гори нискостеблеста вегетација кај селата Пласница и Латово, додека има пожар на мешана шума кај селото Грешница. Има пожар и кај селото Ратковица кон Пониква, каде што гори мешана шума.
Сиљановска – Давкова: Армијата се вклучува во гасењето на пожарите
Армијата ќе се вклучи во справувањето со кризната состојба од пожарите, соопшти Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
– Претседателката Сиљановска-Давкова, согласно со Законот за управување со кризи, донесе одлука за учество на дел од Армијата во справувањето со пожарите, по донесената одлука на Владата од 13 август годинава, за постоење кризна состојба поради зголемената појава на пожари на територијата на државата – соопштија од Кабинетот на преседателката.
(А.П.)