Пред стартот на новата учебна година учебниците и натаму се топ тема. Проблемот ќе се провлекува и од септември, бидејќи како што најави министерката за образование Весна Јаневска оваа година ќе нема учебници за странски јазици. Сепак, додаде дека ова не е воопшто загрижувачко бидејќи, како што рече, децата учат јазици од серии и поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на странскиот јазик.
„Учебници за странски јазици ќе има догодина и нема да има печатен, значи хартиен материјал за јазиците на заедниците, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Бирото за образование, а бидејќи станува збор за јазик, наставниците користејќи ги тие материјали, ќе можат да им предаваат на учениците. Јазикот е жив, знаете децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик – именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа“, рече Јаневска.
Оваа изјава наиде на остри коментари на многубројни реакции на социјалните мрежи, но и од страна на опозициската СДСМ, од каде посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и министерката Јаневска по само два месеци откако ја преземаа власта, потврдија дека образованието за нив воопшто нема да биде приоритет.
-Министерката Јаневска, во скандалозна изјава рече дека учебници по странски јазик нема да има, но тоа не е проблем затоа што учениците учеле од серии. Тажно е што ДПМНЕ постави министерка за образование, која внимавајте, смета дека било важно децата само да разбираат странски јазик, а не да учат граматика, заменки и именки“, рече пратеничкара Даниела Николова. Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го унапредува образованието, е ребалансот на буџетот кој јасно ги истакнува приоритетите на Владата, односно јасно потврдува дека образованието не е приоритет.
-Се кратат средства во програмата за инвестиции во образованието, како и во програмите за проекти во основно и средно образование. Ова значи дека ДПМНЕ крати од програмите кои значат подобра ифраструктура, од проекти за поддршка за ранливите групи на дечиња и крати од програми кои обезбедуваат професионален развој и напредување во кариерата на наставниците. Во пракса, ова ќе донесе целосен застој во развојот на образованието, рече пратеничката од опозицијата.
Во пресрет на новата учебна година, Јаневска изјави дека има учебници за сите одделенија, освен учебници за странски јазици.