Нека е честит Денот на востанието на Македонија: Пукотот од 11 Октомври сè уште одекнува, борбата за идентитетот продолжува!

87

11 Октомври – Ден на востанието на Македонија е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

Денот на востанието е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ, проникнати во вековната борба за слобода и државност, но дали денеска идеалите се исполнети? Според историчарката, проф. д-р Наташа Котлар-Трајковска, одговорот на прашањето треба да се бара во целите и заложбите на антифашистичката борба на македонскиот народ кој во 1941 година се вклучи во борбата, без да се плаши од тогашните моќни политички и воени сили – Германија, Бугарија, Италија, правилно оценувајќи дека тоа е токму оној момент кога може да го оствари својот стремеж за посебна држава и меѓународно признавање на неговата посебност, идентитет и јазик.

-Непосредно пред започнување на Втората светска војна, раководството на македонското националноослободително движење ги определува целите кои стојат пред македонскиот народ во актуелниот момент: „(…) ‘Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободување (…)’. Тоа е стимулот што го тераше Гоцета Делчев и сите македонски синови да водат борба на живот и смрт со непријателите на Македонија, на македонскиот народ. На таков начин и самата борба на Македонците добива смисла и значење.“ Така и започна народното востание против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ на 11 октомври во 1941 година. Тогаш, Прилепскиот партизански одред извршил напад врз полициската станица и врз затворот во Прилеп. Истовремено, борбени акции извршил и Кумановскиот партизански одред. Во четиригодишната борба, македонскиот народ стана жесток противник на окупаторските сили во Македонија – германските, италијанските, бугарските – давајќи свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. А, донесените решенија од Првото заседание на АСНОМ – симболот на народната сувереност, влегуваат во македонската историја како позитивен и препознатлив национален настан. Да нагласам, Македонците беа единствените од просторот Кралството Југославија кои без ничија помош успеаја да се изборат за слободата и независноста! За спецификите на македонското ослободително движење, пишува и Роналд Мекдоналд, шеф на британската воена мисија при Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди (1944). Меѓу другото, тој запишал: „(…)Македонското партизанско движење во својата основа пред сè е националистичко, а потоа комунистичко движење. Во нивната пропаганда за цело време акцентот е ставен на македонската национална независност (…) очигледната брзина во приближување на реализирањето на оваа цел ги има обединето сите нијанси на политичко мислење и сите класи во МАКЕДОНИЈА зад партизанското движење. Фактот што сега се борат како македонска армија, тие го сметаат за дел од историјата (…) “ .  Имајќи ја предвид оваа историска подлошка, накратко би истакнала дека идеалите за слобода и државност, во еден период достигнаа афирмација, благодарение на генерации со свест, волја и посветеност, но наместо унапредување, во актуелниот момент бележиме одредена стагнација, последица на настојувања (внатрешни и надворешни) за идентитетско, историско и именско обезличување на македонскиот народ и држава! – појаснува Котлар-Трајковска за весникот ВЕЧЕР.

Професорот Тодор Чепреганов посочува дека на 11 октомври во Прилеп, и еден ден подоцна и во Куманово, со оружени акции против бугарскиот наци-фашистички окупатор, официјално почнал последниот чин од драмата македонско прашање и патот на македонскиот народ до државност.

– Пукотот од 11 октомври беше историски пукот, кој во себе ги обедини сите пукоти на македонскиот народ во борбата за своја државност и национална еманципација. Во тој пукот беа слеани сите учесници на буните и востанијата, национално-револуционерните движења, сите страдања, сите подеми и падови, сите негирања и признавања. Пукотот беше повикот до македонскиот народ дека на крајот од војната ќе биде свој на своето. Одгласот на пукотот беше прифатен од македонскиот народ. Она што го започна Методија Шаторов Шарло со својата решеност македонскиот народ да не остане надвор од антифашистичката борба за реализирање на сонот на голем број македонски револуционери, кои ги положија своите животи за обединета, самостојна и независна македонска држава со Македонци, беше реализирано само на дел од територијата на Македонија, а како резултат на замешателствата на комунистичките партии на соседните балкански држави. Но, исто така, треба да се има предвид, дека сè до средината на 1943 година, големите сили го игнорираа појавеното, но и сè позасилено НОД во Македонија. Причината беше едноставна. Тие не сакаа никакви промени на Балканот. За нив најдобра беше состојбата на статус-кво, односно задржување на предвоената состојба. По првите добиени информации дека во Македонија, македонските единици се борат против германскиот, бугарскиот и италијанскиот наци-фашизам, и во таа борба сè позначајно место добива идејата на македонски народ за свое обединување. Заклучокот на британските стратези е на секој можен начин да се запре тој процес кој битно можел да влијае и да ги загрози британските интереси во Грција. Затоа и пукотот од 11 октомври 1941 година и до ден-денес има силен одек во канцелариите на светските дипломати. Тој ден го означи почетокот на крајот на долговековното настојување на Македонецот да си обезбеди достојно место во кругот на државите во светот. Денес, идеалот за македонска самостојна независна држава е исполнет, но едновремено тој идеал е ставен пред нови искушенија и повторни обиди за негова негација и тоа од членка ЕУ, и притоа кршејќи ги сите можни членови на меѓународното право. Но и покрај тоа, сигурен сум дека оваа генерација на политичари ќе успее да ја внесе Република Македонија како рамноправна членка со ненарушен национален идентитет, јазик и култура во ЕУ, вели Чепреганов за весникот ВЕЧЕР. Додава дека историските факти не можат да се избришат, оти секој народ/нација има своја историја има сопствени митови, личности и настани кои му припаѓаат само нему и живеат само во неговата колективна меморија и ги чествува како свои.

-Историските факти може да се прикријат, но еден ден тие ќе излезат пред Вас. Тие се неумоливи. Но, додека да излезат, народот е тој што е скровишник – трезор на милениумска историја, јазик, култура, археологија, религија и т. н. – појаснува Чепреганов.

Историјата е политика што повеќе не може да се коригира, но затоа, пак, политиката е историја што сè уште може да се коригира

Професорката Котлар-Трајковска посочува дека посегнувањето по историјата (македонска) и нејзиното приспособување, како што вели по нечиј ќеф, заради, „нашата иднина“, европскиот пат и интеграцијата во ЕУ, изгледа несериозно.

-Но, паметните луѓе, од поодамна констатирале дека: „Историјата е политика што повеќе не може да се коригира, но затоа пак, политиката е историја што сè уште може да се коригира“! Со ова сакам да укажам на фактот дека македонскиот народ уште во периодот кога бил неслободен, потчинет, имал доволно разум, сила и волја да реагира и да се спротивстави на големодржавните и националистички политики на соседните држави кон него и неговата земја. За да не ни се случи во сегашниов момент да станеме трагедија, потребен е отпор, достоинствен и умен! Така треба да се чекори по „европскиот пат“! – апелира Котлар-Трајковска.

И двајцата наши соговорници се согласни дека заедничката историска комисија со Бугарија не може да го предводи „современото македонско востание“, бидејќи според Котлар-Трајковска  Комисиите како политички конструкти се антитеза на националното достоинство на Македонецот и особено на научните принципи, а според Чепреганов имаат ретроградна мисија, која треба да задоволи одредени, наметнати факти од страна на Бугарија, да им даде јавност, да ги вметне во македонските учебници и да ги вклопи во колективната меморија на македонскиот народ.

-Комисијата, исто така, има задача да се негира востанието од 11 октомври 1941 година, а бугарската наци-фашистичка окупација да се претстави како ослободување и администрирање на бугарскиот окупатор во Македонија. Се прави обид да се докаже и дека во Македонија се водела граѓанска идеолошка војна меѓу Бугари со Бугари, а од друга страна имало и заблудени комунисти кои пропагирале постоење на македонски народ, јазик и култура. Мислам дека нема потреба од каква било историска Комисија, бидејќи историските факти за историјата на македонскиот народ, се истражуваат и пишуваат научни трудови во македонските институти, и сите тие за овие 80 години објавиле огромен број на историски извори и литература. За мене најтрагично е што во 21 век, Ви наметнуваат да преку Комисија (од по седум членови) Ви ја дефинираат сопствената историја и колективна меморија што е навистина надвор од памет. Комисијата е апологет на антитезата за македонскиот идентитет, историја, јазик и култура, додава Чепреганов.

Има ли надеж дека македонскиот народ ќе победи и во борбата во зачувување на идентитетот и јазикот?

-Зачестеноста на зборот и д е н т и т е т во јавниот и политичкиот дискурс е последица на современите надворешни и внатрешни политички процеси изразени преку Бугарскиот  договор (2017), Преспанската спогодба (2018), уставната промена на името заради „Северна“ (2019). Сите тие го засегнуваат, го ограничуваат, честопати го мистифицираат или, пак, го негираат македонскиот историски и народен идентитет, присутен во низата на процеси и случувања во времето и во просторот, во низата на идеи и стремежи на поединци и групи, во низата на успеси и неуспеси во борбата вековна, но карактеристична – македонска. За да ова се промени ова или како што велите да се извојува победа над актуелните предизвици, неопходни се три работи – да знаеме во што треба да веруваме, да знаеме што треба да сакаме и да знаеме што треба да направиме. Ова значи, да се облагородиме најпрвин себеси, потоа и другите, и да создадеме нови вредности! Да ја промениме нашата стварност врз основа на автентична мисла, идеја, дејствие и постапка, а Македонија да биде наша вера и храм, како што пишува Гане Тодоровски во неговата „Старечка песна“!, апострофира Котлар-Трајковска.

Професорот Чепреганов посочува дека Историјата нè учи дека македонскиот идентитет, јазик и култура, низ вековите, поминале фази од негирање до признавање, а денес го имаме процесот од признавање до негирање.

-Некако како историјата да ни се повторува. Несомнено дека процесот од негирање до признавање бил потежок. Изискувал поголеми жртви од сите оние кои се чувствувале Македонци и тоа јавно го покажувале, пишувале, дебатирале и биле санкционирани за идеите за постоење на македонски народ, јазик и култура. Но, на крајот нивната борба била крунисана со победа. 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ нивната борба за признавање беше крунисана со успех, се официјализира постоењето  на Федерална Македонија во рамките на Федеративна Југославија, иако само на еден дел од нејзината територија. И федеративна/народна/социјалистичка Република Македонија доживеа афирмација на сите полиња и свое место меѓу државите и народите во светот. Денес имаме повторна атака на македонскиот идентитет, јазик и култура и тоа од оние кои претходно го беа признале, а денес со сите средства настојуваат да го негираат континуитетот на македонскиот народ низ историјата, сметајќи го за креација на Коминтерната и Тито од 1945 година. Ако наследниците на илинденците, на учесниците во октомвриското востание, борците од НОВ и асномците успеаја во тешки услови да се изборат за признавање на македонскиот идентитет, јазик и култура, не треба воопшто да се сомневаме дека македонскиот народ ќе излезе како победник и од оваа политичка, а не историска негација на неговиот идентитет. Фактите не можат да се избришат, а посебно фактот, кој е забележан од Британците во 1943 година дека: „Многу тешко може да се процени колкаво е влијанието на Македонците во Бугарија. Македонците скоро секогаш биле многу помоќни во политиката од ‘Бугарите’“, заклучува Чепреганов. (Е.А.)