Публиката на Драмски театар неделава ќе има можноста да проследи претстави на четири ансамбли.
На 6 март гостува театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес со претставата „Нема струја за електричниот стол“ на режисерот Дејан Пројковски. Улогите ги толкуваат Васил Зафирчев и Исидор Јовановски.
Традиционалната поддршка на Драмски театар Скопје на колегите од независната сцена продолжува и годинава. Во првиот циклус оваа сезона, настапуваат три театарски ансамбли. Сите претстави почнуваат во 20 часот.
Во четврток на 7 март ќе се претстават „Штрих“ со претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“. Улогите ги играат актерите: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли и Јанка Лефкова. Претставата е на авторот Филип Грујиќ. Режисер е Борис Василески.
Театарот „Златен Елец“ се претставува во петок, 8 март, со „Кенди“ според истоименото дело на Лук Дејвис. Адаптацијата и режијата е на Тамара Стојаноска, а улогите ги играат: Лео Поповиќ и Бобан Алексоски.
Во сабота на 9 март е претставата „Бура и продор“ на групата „Стурм унд дранг“. Теа Беговска е автор и режисер, а настапуваат: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски и Дин Ибрахим.
Од Драмски информираат дека интересот на публиката за гостувањата е голем, а со тоа ги покануваат и охрабруваат и останатите професионални ансамбли и театри од независната сцена за соработка и гостувања во оваа и наредните театарски сезони.