И денеска се чувствуваше мирисот од запалената депонија „Вардариште“.
Таа гореше, по кој знае кој пат, вчера попладнето. Граѓаните се револтирани што надлежните не презедоа ништо досега да се стави крај на овој горлив проблем и да се изнајде трајно решение.
Иван Младеновски вели дека народот треба сам да се организира со стражи, бидејќи нема никаква корист од властите.
Тие го вперуваат прстот и кон градоначалникот на Општина Гази Баба, на чија територија се наоѓа депонијата, но и кон градоначалничката Данела Арсовска и бараат час поскоро да се најде некој совесен што би го решил проблемот, бидејќи, како што велат, народот се труе секојдневно.
Градоначалникот на Општина Гази Баба изјави за весникот ВЕЧЕР дека го разбира револтот на граѓаните, но оти Општината нема законска надлежност да го реши проблемот.
– Нивните барања се и мои барања, како градоначалник. Општина Гази Баба нема законска надлежност да го реши проблемот со депонијата „Вардариште“. Целосната надлежност е на Град Скопје. Во текот на завчерашните попладневни часови, веднаш штом добив информација дека е запалена дивата депонија „Вардариште“,го активирав општинскиот Штаб за постапување во вакви состојби, како и Секторот за инспекциски работи, кои веднаш се упатија на самото место. На терен, имаше присуство и на припадници на МВР, како и едно возило на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје – објасни Стефковски.
Тој изрази жалење што завчера, како и многупати досега, биле загрозени здравјето и животот на граѓаните. Притоа, јавно апелираше и побара Град Скопје веднаш да преземе енергични мерки за конечно решавање на овој проблем.
Од Град Скопје не одговорија кога мислат да преземат активности за трајно решавање на овој децениски проблем.
На крајот од јануари годинава, скопската градоначалничка, Данела Арсовска, вети дека на местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс, со спортско-рекреативни содржини и терени, како и нов мегапарк.
– Градот Скопје ќе ја претвори оваа локација од место што е опасно за здравјето на граѓаните во локација за спорт и рекреација, која позитивно ќе влијае на здравјето на граѓаните и ќе го подобри квалитетот на животот – рече таа.
Но, за жал, сè уште нема ништо од сето тоа.
(А.П.)