Над 900 луѓе починаа на аџилак, температурата во Мека 52 степени

160

Бројот на починати за време на аџилакот во Саудиска Арабија надмина 900, јавија светските агенции, повикувајќи се на податоци од повеќе земји.

Семејствата и пријателите пребаруваа болници и бараа информации на Интернет, плашејќи се од најлошото откако температурата завчера во Мека, најсветиот град во исламот, достигна 51,8 степени Целзиусови.

Околу 1,8 милиони луѓе од целиот свет, многу стари и изнемоштени, учествуваа на повеќедневниот настан, главно на отворено.

Според информациите на саудиските власти, на годинешниот аџилак учествуваат аџии од Саудиска Арабија и уште 22 земји.

Аџилакот е должност што треба да се извршува еднаш во животот за сите муслимани кои се физички и финансиски способни да патуваат и кои веруваат во патот по кој пророкот Мухамед тргнал пред 1.400 години.

Стампедо, пожари во шатори, жештина и други фактори предизвикаа голем број смртни случаи за време на овој важен верски настан во последните 30 години.